Островот Гозо (Малта)-НЕОСКВЕРНЕТ, ИНСПИРАТИВЕН, АВТЕНТИЧЕН…И СВЕТ

16/05/2025

ПРОЛЕТТА НА ОСТРОВОТ ГОЗО Е ТОЛКУ ИНСПИРАТИВНА ШТО ПЕЈЗАЖНАТА ЛИРИКА НА ПОЗНАТИТЕ ПИСАТЕЛИ ВО ГОЛЕМА МЕРА СЕ ТЕМЕЛИ ВРЗ НЕА. ОТТАМУ И ПРЕПОРАКИТЕ НА ТУРОПЕРАТОРИТЕ ДА ГО ПОСЕТИТЕ ВО МАЈ, БЕЗ ОГЛЕД НА ФАКТОТ ДЕКА ШПИЦОТ НА СЕЗОНАТА Е ВО ЛЕТО. БЕСКРАЈНОСТА НА ПОЛИЊАТА СО ЦВЕЌЕ, ПОГЛЕДОТ НА МОРСКАТА ШИР, ВО КОМБИНАЦИЈА НА РЕКРЕАТИВНИТЕ ДЕЈНОСТИ, ЗНАМЕНИТОСТИТЕ КОИ ГИ ИМА ВО ИЗОБИЛСТВО, МАЛТЕШКАТА КУЈНА…, СИГУРНО ЌЕ ПРЕДИЗВИКААТ ВОСХИТ КАЈ ВАС, ПА ДУРИ И ЖЕЛБА ДА МУ СЕ ВРАТИТЕ

 

Доста често го посетуваат и туристите чија крајна дестинација е Валета, главен град на Малта. Неговите жители ќе ви го препорачаат без размислување. Гозо ù припаѓа на групата острови, архипелагот со кој се врзуваат и голем број легенди, необични настани. Дотаму се оди со траект, а благодарејќи на превозните средства (автобуси, мотоцикли…, таксија) на самиот остров ќе можете да го видите и надолж и нашир, да го истражите доживувајќи го во целост. Медитеранската клима е совршена за тоа. И за рекреација, секако. Можностите се големи: за веслање со кајаци, возење на велосипеди, качување на карпи, нуркање во морските длабочини, за пловење на бродови. Историските, културните знаменитости, рестораните во кои се служат исклучиво специјалитети на малтешката кујна, фестивалите (смотрите на уметноста)…, придонесуваат за комплетирање на впечатокот. Без исклучок на одморската возбуда, независно дали ќе го посетите на ден-два или повеќе.

Оддалеченоста меѓу Валета и најблиското пристаниште до Викторија (најголемото населено место на Гозо) е 36 км, со ферибот се стигнува за еден час и дваесетина минути, а билетот ќе ве чини 8 евра. Некои делови од копната на двата острова се наоѓаат на растојание од само 5 км, но сепак разликата е дијаметрална. Имено, се работи за рурална средина која се одликува со мир, тишина. И со автентичност, зачувана од какво било сквернавење. Не само на морското крајбрежје, туку и на патеките што ги поврзуваат селата меѓу себе наместа личат на козји врвици. Од сите страни ќе гизабележите барокните цркви кои се издигнуваат над куќите во традиционален стил, надвишувајќи ги. Заедно со природата често се присутни на сликите со потписот на тамошните и пејзажистите од странство.

Островот чија вкупна површина е 67 км² (13,34 км во должина и 7,15 км во ширина), каде што постојано се населени околу 40.000 лица, благодарејќи на културните настани во кои се вбројуваат и фестивалите и прославите по повод верските празници, како на пример велигденските, можностите за природно лекување, за мераклиски работи…, покрај викендашите и летувалците, го посетуваат и луѓе со цел да присуствуваат на некои од нив секако, во зависност од интересите, а неретко се организираат и венчавки на парови од сите страни на светот, со големи салтанати – независно од бројот на гостите. Вообичаено, судбоносното да се кажува на стените, карпите што се издигаат над морето, со поглед кој предизвикува возбуда. И сето тоа збогатено со убава музика, специјалитети на малтешката кујна… За незаборавни спомени, не само на младенците туку и на присутните, нивните роднини, пријатели. Мнозина се одлучуваат и крајната дестинација на сведбеното патување да биде токму Гозо.

НА ПОКЛОНЕНИЕ ВО TA’ PINU, ХРАМОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Симболот на островот е цитаделата во Викторија (Ir-Rabat). Можете да ја препознаете на многу снимки што ги прават неговите посетители. Ја има и во бедекерите, туристичките водичи на Гозо. Ќе ве воодушеви со нејзината градба, историја воените конфликти се врзувале за неа. И со флората и со фауната, обете богати. Во неа живеат неколку фамилии. На самиот плоштад се наоѓаат судовите, седиштето на бискупот и катедралата, односно главната црква посветена на Света дева Марија. Вклучително и музеите: археолошкиот, катедралниот, природонаучниот, фолклорниот (народниот). Но, таму се и поранешните силоси, магацинот за барут, затворот, складиштата. Осовременето е буквално сè, компјутеризирани се дури и влезниците. Додека се шетате низ уличињата, сигурно ќе ги забележите нишите, камарите и бас-релјефите кои ќе ве одведат до капелата на Свети Јосиф. Несомнено, вниманието ќе ви го привлечат нејзините прозорци, како и сводовите во стилот на Норманите. На фасадите можеби ќе го видите и грбот, наместа оштетен и од забот на времето и од Наполеоновите војници за време на окупацијата во 18 век. Лесно достапна е и за лицата со посебни потреби, а широкиот поглед на околината достигнува до Малта. Се верува дека тврдината датира уште од времето на неолитот. Низ вековите се доградувал, но во текот на црното ропство, кое се врзува со Турците и Берберите, претрпел тешки удари. Биле потребни 50 години за повторно да се врати во добра состојба и одново да се насели. Порано таму живееле 5.000 лица.

Во знаменитостите што ќе ви ги предочи секој туристички водич се вбројува и античкиот локалитет Ċgantij на платото Xagħra, изграден во периодот меѓу 3600 и 3200 година пред новата ера. Одамна се наоѓа на листата за светско наследство на УНЕСКО, а неговите структурални форми сведочат за беспрекорноста на мајсторската работа со која се одликувале градителите во подоцнежниот период од камената епоха неолитот. И за големите гозби што се правеле покрај огништата, се разбира. Во тајните на градителството ќе ве воведат неговите интерпретатори на самиот влез.

Храмот на Пресвета Богородица – Ta’ Pinu ќе ве восхити со нејзината великолепност. Исполнето со тајна, подигнувањето на храмот им се припишува на повеќе луѓе, како и подоцнежниот развој на настаните. Архивските записи ќе ве вратат во времето на епископот Доменико Кубелјес, воочувајќи го реконструирањето на светилиштето. Наводно, монсењер Пјетро Дуцина во 1575-та наредил да се урне, но повредата на работникот го предомислила, сметајќи го тоа за божја волја црквата да се зачува. Во 1858-ма е преименувана во Ta’ Pinu, по финансиерот Пину Гаучи кој парично ја помогнал нејзината обнова. Посетеноста нагло се зголемила откога Кармела Грима го слушнала гласот на Мајката Божја и се излекувала. Светилиштето го посетиле и двајца папи

Јован Павле II во 1990-та и Франциск во 2022-ра. Во меѓувреме (2010-та), папата Бенедикт XVI на црквата ù подарил златна ружа. Ќе ја видите на Богородичната икона се верува дека е чудотворна, со исцелителна моќ. Отспротива е брдото Ta’ Għammar каде што се 14-те статуи, скулптурни прикази на Тајната вечера, Христовото распетие, погребувањето…, во името на крстот. Ремек-делата на вајарот Алфред Камилери Каучи се мермерни, каменот го донел од Карара (Тоскана, Италија). Брдото е собиралиште на поклониците, таму го поминуваат најголемиот дел од времето додека се на аџилак.

Доколку сакате многу филмови, веднаш ќе го препознаете крајбрежјето и неговите формации од кои блика драматичност. Неколку инсерти на хит-серијата „Игра на тронови“ се снимени токму на таа локација, поврзани со венчавката на ролјите. Заливот Dwejra е познат и по т.н. азурен прозорец што се сруши во 2017-та. Омилен е меѓу нуркачите од сите краеви на светот, а жителите на островот со задоволство ќе ви раскажат за неговите богатства природни, бесценети.

СОЛАНИ УШТЕ ОД ВРЕМЕТО НА ФЕНИЧАНИТЕ

Шетајќи по брегот, вниманието ќе ви го привлече составот на карпите. Личи на мозаик, орнамент или слика составена од разни фосили скаменети растенија, животни. Кога дува силен ветер, не се препорачува доближување до нивните рабови. Близу се и местата каде што се добива морска сол, а благодарејќи на големата кружна дупка во земјата, лагуната е атракција за странските туристи. Плиткиот, крајбрежен дел има и плажа со каменчиња и остатоци од старите живеалишта на рибарите, поради што во неговата близина се закотвуваат и јахти. Локацијата е привлечна и за верниците, помолувајќи се во капелата Света Ана. Кулата е сведок на историските настани во кои морските разбојници, т.е. пиратите на неколку наврати се обиделе да прават злосторства.

Играла важна улога и во Втората светска војна одбранбена, секако. Меѓу занимливостите на Dwejra е и карпата со лековити билки, односно габи, без исклучок на длабнатината, „оџакот“ (сината дупка) каде што нуркал поморецот Жак Кусто и потпорот во форма на глава од крокодил. На северната страна, во должина од 3 км, се наоѓаат соланите повеќето стари 350 години, уште од времето на Феничаните. Методата е проста, едноставна. Морската вода се собира во плитките резервоари од варовник. Со помош на сончевата топлина, испарува за неколку дена, оставајќи ги кристалите на солта. Потоа се складираат во пештерите на крајбрежјето за да се исушат. Постапката се повторува неколкупати во текот на летото. Монополот го имаат две-три семејства. Летната туристичка сезона се отвора во мај. Сончањето на плажите, капењето во морето не може да се надмине, буквално.

Така велат и островјаните. На нивна среќа, ја имаат и најубавата плажа во архипелагот Рамла на истоимениот залив. Ситниот песок е црвен, а привлечноста се должи во голема мера и на дините и на еколошкиот систем. Има неколку кафулиња, целосно вклопени во амбиентот. Доколку сакате да пешачите или да се возите со велосипед, упатете се кон Wied il-Għasri, долината е преплавена со румени булки, а копарот, бодливите круши ги има во изобилство на каменитите делови. Кога ќе стигнете до морето, искапете се во затскриениот мал залив – ќе уживате во сите убавини. Недостапноста е само привидна, скалите ќе ве одведат кај плажата со ситно кршен камен и препуштете ù се на неодоливата чар лебдете на водата.

Немојте да го заобиколите ни дотокот Mġarr ix-Xini. Во минатоста бил прибежиште на витезите, таму ги криеле своите галии. Сè уште ја има стражарницата, чуварите се волонтери. Погледот нема цена, исто како и капењето и нуркањето во него, посебно навечер. Оние што влегле во подводните пештери велат дека се чудесни.

Веднаш по уривањето на карпестиот лак, познат како азурниот прозорец, со популарност се здоби и Wied il-Mielaħ. Иако е величествен, погледот може да ви предизвика и страв, а најхрабрите се качуваат по него, фотографирајќи се.

Животот на островот е спокоен, луѓето се потпираат на традицијата. Без оглед на масовното иселување во 1950-тите и 1960-тите, занаетчиската дејност е зачувана. И ден-денес на пергаментна хартија рачно се изработува тантела од памучен конец, се произведува стакло, ама и вино и маслиново масло и мед. Пријатниот мирис на кафето сигурно ќе го почувствувате во населените места, зрната се печат бавно. Тамам да се уверите дека и вкусот ќе ви предизвика задоволство, уживање. На Гозо, мераклиските работи се ретуализирани. Дури и кога се јаде, на појадок, ручек или вечера. Пекарниците секогаш се полни, не само со топли печива туку и со купувачи. Вклучително и рестораните каде што најчесто се приготвува морска риба  lampuki, т.е. mahi-mahi. Без исклучок на компир-манџа со зајачко месо (stuffat tal-fenek). И народна музика во позадина

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ