ПОСЛЕ БИТКАТА, СИТЕ СЕ ГЕНЕРАЛИ“ ВЕЛИ СТАРАТА ИЗРЕКА, НО КОЛКУ И ДА СЕ ГОВОРИ НА ТАА ТЕМА НЕМА ДА СЕ СМЕНАТ ФАКТИТЕ, КОЈ ЈА ОДНЕЛ ПОБЕДАТА, А КОЈ БИЛ ПОРАЗЕН
Трките се специфично бојно поле, каде што се испреплетени многу правила, а снаоѓањето во различни ситуации со истовремено почитување на сите регулативи ја прават мисијата уште поневозможна.
Најчесто може да се слушне за правни и морални норми, при што првите претставуваат законски пропис, додека вторите се базираат на некаков општествен систем, но не се задолжителни (на пример: родителите се одговорни за своите малолетни деца, но децата немаат обврска да возвратат за таа помош на своите родители кога ќе остарат). Во спортот, сепак освен технички има и спортски правила, каде што таквите „морални норми“ за спортско однесување всушност се преточени во казни за неспортско однесување или прекршување на извесни лимити (возење надвор од патеката, надминување на ограничувањето на брзината за возење низ боксот, итн).
Како капак на сè е задоволството на публиката од целото шоу.
Често сме сведоци дека за трките се зборува како за спорт што се базира на емоции, бидејќи ги побудува сетилата на луѓето, а процесот на идентификација е лесен, бидејќи во денешно време сите се пронаоѓаат во некаква улога на возач било да е во реалниот, или виртуелниот дел од животот (играње такви игри). Публиката е чинител, без неа спортот не би бил толку сакан и популарен, без нивната болка не би имало херои во нивните очи.
Нејзиното величество Публиката, тоа се оние милијарди луѓе на светот кои се интересираат за трките, ги следат, ги коментираат и патат со своите миленици или пак ги воспеваат како херои. Навидум едно големо тело, но всушност разединето и поделено по најбитните прашања: кој за кого навива или колку им честита на останатите кога ќе победат, односно колку го признава поразот, односно величината на противникот?
И во минатото во овие колумни сум спомнувал дека за еден шампион најголем легитимитет се неговите победи. Кога возачот со најголем број на победи ќе ја однесе и шампионската титула, во моите очи нештата се во баланс. Кога има спротивна ситуација: шампион да стане возач со помалку победи, а историјата покажала дека тоа се случувало, најчесто таквите сезони биле обележани од дополнителни оптоварувања и докажувања, „кој е вистинскиот“…
Во современата ера, кога извесна техничка надмоќност е на една страна таквите шампиони ги прави да бидат големи херои, отвара нова и би рекол сосема легитимна димензија. Токму на тој начин ќе биде славен и Хорхе Мартин, кој успеа со сателитски тим на Дукати да го совлада првиот противкандидат од фабричкиот тим, Франческо Пеко Бањаја. Дури, Бањаја и самиот на извесен начин „ја девалвираше“ титулата најавувајќи дека оваа сезона ќе се памти по грешките, но вистината е дека Мартин има двојно повеќе регистрирани падови во 2024 година. Проблемот е што оние падови на Бањаја биле во ситуации кога за тоа можел да освои убави бодови, додека Мартин најчесто грешел на тренинзите, а вредно собирал поени во трките.
Изјавата на Бањаја дека ќе мора да научи и тој да се откажува од дуели и да се акомодира на ситуацијата, односно наместо да јури по победи, да финишира како трет или четврти, за мене е поразителна бидејќи на тој начин трките ја губат својата смисла. Сите ќе се поредат колку што им е силата и ќе чекаат некој од ривалите да згреши сам од себе или да има дефект?
На трките во ТЦР Светската серија видовме дека тимската игра на Хјундаи, односно „живиот ѕид“ на возачи кој беше поставен зад Норберт Мишелис, успеа да го одбрани Унгарецот од нападите на ривалот и да му ја обезбеди титулата, иако имаше една победа во сезоната. Неговите главни ривали имаа по три, но со тоа успеаја само да ја „капарисаат“ конструкторската круна.
Во минатото, кога во Формула 1 се бодуваа 11 најдобри пласмани од вкупно 16 трки, се случи Аиртон Сена да има севкупно помалку бодови од Ален Прост, но подобри 11 трки од него бидејќи стално јуришаше на победа. Затоа неговото име и ден денеска е синоним за херој на спортот. Сепак, лобито околу Прост издејствува промена на тоа правило. Според мене, потребно е да се приспособи на новите времиња и да се врати на сила, во име на интегритетот на спортот.