Најчесто обновувањето на моделите се прави по изминување на четири, а понекогаш и пет години, но некои производители тоа го прават многу порано. Деновиве Тојота по само три години и некој месец постоење на „корола крос“, го претстави обновениот модел. Нови светла, нова маска, нов одбојник, но и палетата од бои е збогатена. Во зависност од пакетот на опрема некои бои се достапни, но некои не се. На пример изведбата „хев гр спорт“ може да се добие со следниве бои: платинеста бела со црн покрив, црвена со црн покрив или со целосно црна боја, додека останатите изведби ги немаат овие три бои.
Тојота има еден куп погонски единци, но ги вградува според регионите во кои се продава и сето тоа во склад со побарувачката. Дизели нема, но бензински и комбинација од бензин и електричен, таквите мотори се присутни, како на пример 1,8 литарскиот атмосферски со 140 КС. За преносот на силината задолжен е обичниот, но и автоматскиот менувач е-цвт во изведбата со хибридниот погон.
Продажбата на обновената „корола крос“ ќе започне кон крајот на оваа година и почетокот на наредната и повторно сето тоа ќе се случува во различни временски периоди во зависност од пазарот. На пример, во јужниот дел од Африка продажбата е закажана за почетокот од наредната година, а производството ќе се одвива во ЈАР во Дурбан. За другите делови од светот Тојота има свој посебен продажен план, но генерално зацртан е крајот на 2024 и почетокот на 2025 година. Кога обновената „тојота корола крос“ ќе пристигне кај нас, за тој „проблем“ надлежен е увозникот.
Жарко Атанасоски