Абарт во „сув“ издание со мали димензии. Какви и да се димензиите, но да е „сув“ и згора на тоа да го има испишан зборот „абарт“, тоа е малку чудно. Карло Абарт (Карл Алберт Абарт) ни на крај памет не помислувал на вакво нешто, но затоа денешните дизајнери и конструктори имаат поинакви сфаќања за современите текови во автомобилската индустрија, односно истапуваат од традиционалните сфаќања.
Oва што сега го приредува Абарт е нешто како претпремиера, а главната премиера се очекува некаде на почетокот од летото. Фиат или Стелантис ни пуштаа малку „вода“, мало загревање пред големото усвитување. „Абарт 600 е“ е правен на платформата наречена „е цмп“, но наново е извршена доработка за да поддржи спортска надградба (автомобили) и сега носи име „перфо – е цмп“. Таа платформа сега треба да „држи“ 241 КС, силина која Абарт досега ја немал во своите редови, „абарт“ со најмногу силина. Погон на предна оска и самоблокирачки диференцијал (огранично пролизгување), со тоа што погонската единица, електричната е една и ја задвижува предната оска. Неколку слики и премногу штури информации, тоа е сѐ за „абарт 600 е“, а за повеќе ќе треба да ја дочекаме светската премиера. И за крај на кусата најава, изведбата на фотографијата е наречена „шкорпионисимо“, планирана да биде произведена во точно 1949 примероци, затоа што работилницата Абарт е основана во 1949 год. пред точно 75 години. А зошто „шкорпионисимо“? Затоа што шкорпионот е заштитен знак на Абарт.
Жарко Атанасоски