Некогаш изведбата „сеник“ беше еднопросторно возило со потекло од моделот „меган“. Е да, ама некогаш, а денес работите се испревртеа и од еднопросторно возило, сеникот го претворија во „сув“ или како што обожуваат да го наречат кросовер, а може да биде и ситикрузер или кроскрузер или олтереинкрузер. Сите имиња му „стојат“ затоа што „рено сеник“ е возило за секаква прилика.
При создавањето на новиот сеник Рено „одел“ кон тоа да ја подобри удобноста вклучувајќи го тука и поголемиот и подобро организираниот простор сѐ со цел патниците да имаат чувство како да се дома и над сѐ конструкторите воделе грижа и за безбедноста како најбитен чинител во автомобилите. Од ова носиме заклучок дека „сеникот“ е семејно ориентирано возило, но не треба да значи дека само ним им е посветено, иако одделот за товар има зафатнина од 545 л. додека со спуштена задна клупа просторот се зголемува до крајно употребливи и огромни 1.670 л. Дизајнот е современ и по малку агресивен што е знак за привлекување и на најмладата популација возачи, но и за тие што почитуваат удобност и безбедност при патувањето.
Бидејќи сега е време на екологијата, светот „тежнее“ кон зачувување на животната средина, така што и „рено сеник“ е влезен во таа „шема“ со неговите 25 отсто рециклирани материјали, а дури 90 отсто од него вклучувајќи ја и батеријата можат да бидат повторно употребени со претходна обработка и доработка. Таа „линија на зеленило“ не завршува туку продолжува со погонската единица која е електрична. Во моментов сеникот ќе се нуди со два електромотори, едниот со силина од 170 КС а поснажната изведба располага со 218 КС. Првата може да измине 418 км со едно полнење, додека втората 610 км затоа што има поголема батерија 87 kWh. Се надеваме и на изведба со погон на сите тркала за задоволување на епитетот (и прекарот) олтереинкрузер. И како што веќе знаете новиот „сеник“ е електричен и неговото матично име е „рено сеник е теч“ и е правен на платформата наречена „смф – ев“ која ја наоѓаме и во „меган е – тек“ и во „нисан арија“.
Производството ќе се одвива во матичната земја, а продажбата ќе започне во првата половина од наредната година, додека целосниот ценовник е најавен кон крајот на годинава.