ЦЕНТАРОТ НА АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА СЕ ПРЕСЕЛИ ВО АЗИЈА, ПОТОЧНО ВО КИНА. СЕГА ТОЈ „ЦЕНТАР“ КАЖУВА И ГО ДИКТИРА ТЕМПОТО ВО КОЈ ПРАВЕЦ ЌЕ ОДИ РАЗВОЈОТ НА ИНДУСТРИЈАТА НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА, А ШАНГАЈ ВИ ЈА ПРИКАЖУВА СО 100 ПРЕМИЕРИ И 1.000 ИЗЛОЖУВАЧИ
Ако до вчера американскиот автомобилски пазар беше светски најголемиот и најпривлечниот за производителите, денес најголем и најмоќен, но и најпривлечен е кинескиот. Новите ветришта носат нови времиња, сакале да признаеме или не, Кинезите денес се светска велесила број 1 во автомобилската индустрија. Во Кина се произведуваат најмногу автомобили, но и најмногу се продаваат, а најинтересно е што производството и продажбата на електромобилите е во рацете на најмногубројната нација во светот и тоа со преголеми 75 отсто. И Тојота, и Форд, и ЏМ, а ако сакате и сите заедно да се здружат, не можат да се спротивстават на кинескиот електромобилски тајфун. Таму во мода се електромобилите и никој не произведува автомобили со погонски единици што чадат. Довчерашните најмоќни производители денес се соочуваат со сосема друга состојба, затоа што денес некој друг диригира во која насока ќе се движи развојот на автомобилската индустрија. Една од тие насоки оди во снижување на цените на автомобилите, во спротивно ќе настрадаат од кинескиот тајфун кој сега зема сила и сè уште не ја достигнал својата вистинска разорна моќ.
Според најновите случувања кинескиот производител на електромобили Липмотор најдоцна до 2033 год. ќе лансира сув со теренски способности за помалку од 7.000 евра, способен да извози 400 км. Сега за тие пари купувате скап електричен велосипед, а Липмотор вели за тие пари по 10 год. ќе добиете теренско возило. Ова не го кажува некој новинар или аналитичар, туку главниот шеф Џу Џангмин и воедно претставува отворена закана на кинеската машинерија врз остатокот од светот. Токму оваа марка отсуствуваше од изложбата, најверојатно нема ништо ново да прикаже. Пред неколку недели компанијата БЈД (Билд Јуар Дримс) го претстави 3,8 м модел „сигул“ кој ќе се продава за околу 10.000 евра. Тамошните најголеми производители како Чери, Гили, БИД, НИО и сличните на нив сакаат да ги зацврстат своите позиции на домашниот пазар до максимални граници, а потоа да тргнат во освојување на светот. Тие можат тоа да го направат затоа што имаат моќна основа за конструирање автомобили од секоја класа и згора на тоа кај нив се произведуваат една третина од вкупното производство на батерии во светот. Штом зборуваме за батериите мора да го спомнеме и најголемиот производител во светот, тоа е компанијата КАТЛ од Кина. Од оваа компанија Форд ќе купи дозвола за да произведува исти такви батерии, најверојатно немаат ниту една компанија која располага со доволно знаење и технологија. Бројките кажуваат сè, минатата година во Кина се продадени 27.000.000 автомобили, а американскиот пазар успеа да купи двојно помалку, 13.000.000, додека светската продажба бележи бројка од скоро 73 милиони автомобили. Салонот за автомобили во Женева четири години по ред не се одржува, а како што одат работите и догодина нема да се одржи. Таа изложба беше светски „крем де ла крем“, најдобриот меѓу најдобрите – велат ќе се селел некаде на Арабскиот Полуостров, а Салонот за автомобили во Шангај го покажува сиот свој раскош – 100 премиери и 1.000 изложувачи од целиот свет. Континентов не е веќе еден од поважните за автомобилската индустрија, сега Азија е главна, а остатокот игра само епизодна улога. Дали од мака, љубомора или и од едно и од друго Тесла не учествува, можеби му е „криво“ што забрзано ја губи битката на светскиот и кинескиот пазар поради навлегувањето на кинеските електрични автомобили.
Остатокот од светот многу помалку автомобили продаваат на кинескиот пазар затоа што во Кина доминираат домашните автомобили, а Кинезите си го почитуваат својот производ, а не туѓиот. И додека ние го пишуваме текстов, таму некаде на Далечниот Исток посетителите на изложбата во Шангај уживаат шетајќи од штанд на штанд. Ова е списокот на дел од учесниците на изложбата во Шангај – Аеолус, Аион (хипер гт и хипер сср), Ауди, БМВ („и икс 1“, „и 7“), Бјуик, БЈД (фригејт 07), Кадилак (лирик), Чанган (бен бен), Чери („панда мини“, „боји“), Денза (д 9), Донгфенг (еПи), Диди, Гац, Гили (08)Хифи („икс“, „ипсилон“, „зет“), Хонда, Хонгки, („х 6“), Хјундаи, ИМ („лс 7“), ИАТ („т – мад“), Џетур, КИА, Ламборџини (ревуелто), Лексус, Ли Ауто („л 8“), Линколн, Линк & Ко („д некст деј концепт“), Лотус („елетре“), Масерати, МГ („7“), Мерцедес („мајбах е ку с“), Мини, НЕВ („феифан“), Нета (модел 3 с), НИО, Нисан, ОРА („фанки кет“), Омода, Пежо (инсепшн концепт), Полстар (4), Порше, Роеве, Шенлан („с 7“), Смарт, Танк 500 сув, Тојота, Венусија, Фолксваген (ид 7), Веј ланшан, Вулинг, Икспенг (г 6), Јангванг („у 9“, „у 8“, „ипсилон 7“, „х 9“), Зекр (модел икс) итн.
И кинески компании откажаа учество на изложбата, како на пример Џиду Ауто, иако имаа што да покажат, новиот модел „робо 1“, состојба и тактика сосема спротивна од Липмотор. Кому како му одговара, така си прави, зарем не!? И овој пат како и многу години наназад, електромобилите се главни на кинеските изложби. Ист е случајот и со оваа во Шангај што се одржа од 18 до 27 април. Да не заборавиме, Кина е најголемиот производител на електромобили и најмал производител во светот на возила со погон на дизел и ото мотори.