Точно на средина од месец април, во Милано ќе се одржи манифестацијата „Недела на дизајнот“ на која покрај другите дизајнерски новитети, ќе биде претставен новиот модел од Ланча. Оваа марка на автомобили нема претставено нов модел повеќе од една деценија, така што ова е многу битен настан за легендарниот производител. Светската премиера на концептот е закажана за 15 април, ден кој ќе се памети во историјата како заживување на Ланча. Со парична и технолошка помош од Стелантис, Ланча повторно ќе крстосува по асфалтот, но отсега натаму исклучиво со електрифициран или електричен погон. Стелантис е компанија основана од ФКА (Фиат Крајслер Автомобили) и ПСА Груп (Пежо СА) во 2019, односно на 16 јануари 2021 год.
Ако сѐ оди според планот, семејството Ланча до крајот на 2028 год. ќе брои три члена, првиот најверојатно е нов „ипсилон“, потоа ќе следи легендарната „делта“ инспирирана од нејзините успеси во рели натпреварите во ’80 години од минатиот век и на крај лимузината „аурелија“. Можно е некое од овие три возила да биде сув или некоја изведба на сув. Не заборавајте дека Фиат наскоро треба да ја претстави новата „панда“. Веројатно новата „панда“ ќе биде основа и за новата „ланча ипсилон“. Такви гласини се шират, а што навистина ќе се случи, останува да видиме. Првото изненадување како што спомнавме ќе биде обелоденето на 15 април. По повод тој настан, Ланча денес испрати една затскриена фотографија од концептот.
Жарко Атанасоски