НА КОГО ЌЕ МУ ПРИПАДНЕ ТИТУЛАТА СВЕТСКИ АВТОМОБИЛ НА ГОДИНАТА, ЌЕ ДОЗНАЕМЕ НА 5 АПРИЛ. СЕТО ТОА ЌЕ СЕ СЛУЧИ НА АВТОМОБИЛСКАТА ИЗЛОЖБА ШТО СЕКОЈА ГОДИНА СЕ ОДРЖУВА ВО ЊУЈОРК НА ПОЧЕТОКОТ ОД ПРОЛЕТТА
На почетокот од текстов да потсетиме кои автомобили можат да учествуваат и да бидат бирани за престижната титула. Моделот мора да биде нов, да е произведен во најмалку 10 примероци годишно и да е застапен за продажба барем на два големи пазари во светот како што се: кинескиот, индискиот, европскиот, јапонскиот, корејскиот, американскиот и латино американскиот, а тие пазари да бидат на најмалку два континенти и тоа во периодот од 1 јануари 2022 год. до 30 март 2023 год.
Од сите кандидирани автомобили жирито составено од 100 новинари од 32 држави ги избра финалистите и ги подели во шест категории: 1. автомобил на годината според брзинските способности, 2. градски автомобил на годината, 3. електричен автомобил на годината, 4. дизајн на годината, 5. луксузен автомобил на годината, 6. автомобил на годината во светот.
Во продолжение на текстот следи списокот на финалистите распределени во шестте групи за титулата Автомобил на годината во светот за 2023, а тоа се: „алфа ромео тонале“, „бмв 2 купе“, „бмв икс 1 / и икс 1“, „хонда хр – в / зр – в“, хјундаи јоник 6“, „киа ниро“, „мазда ц икс 60“, „мерцедес ц класа“, „нисан арија“ и „нисан з“.
Во класата на Светски електричен автомобил финалисти се: „бмв и 7“, „џенезис гв 60“, „хјундаи јоник 6“, „киа ниро ев“ и „луцид ер“. Следнава група автомобили се финалисти за титулата луксузен автомобил на годината: „бмв 7 / и 7“, „џенезис г 90“, „ренџ ровер“, „ренџ ровер спорт“ и „луцид ер“.
Списокот од финалисти во категоријата светски автомобил според брзинските способности го сочинуваат следниве модели: „бмв м 4 цсл“, „киа ев 6 гт“, „нисан з“, „порше 911 рс гт 3“ и „тојота гр корола“. Малку е чудно што светот има кандидирано само три автомобили за наградата градски автомобил на годината во светот: „цитрон ц 3“, „ора фанки кет“ и „фолксваген таиго“. Дали на светот му е преку глава од типично градски автомобили и се оддал на поголеми автомобили и луксуз?
Жирито одбра пет модели за наградата Светски дизајн на годината: „кадилак лирик“, „хјундаи јоник 6“, „ренџ ровер“, „луцид ер“ и „нисан з“. Сега треба само да почекаме до 5 април и да ги соопштиме победниците по категории и победникот што ќе ја понесе титулата Автомобил на годината во светот за 2023. Минатогодишен крунисан крал во автомобилската индустрија беше „хјундаи јоник 5“. Покрај автомобилите жирито ќе избира и лице на годината од автомобилската индустрија, а финалисти се: Ванг Чуанфу претседавач и претседател на компанијата БИД од Кина. Др. Стела Кларке инженер истражувач и иноватор од БМВ. Санг Јуп Ли главен заменик претседател и главен на дизајнерскиот оддел во Хјундаи и Џенезис. Петер Раулинсон, главен извршен директор и главен директор за технологија во Луцид Моторс и Наојуки Сакамото главен инженер за ГР Корола и Газоо Рејсинг Компани од Тојота.