Светско првенство во Мото ГП-МИРНА ЗИМА ЗА ДОЛГА СЕЗОНА

08/02/2023

ПОЛАБАВО НА СТАРТОТ, НО „ПЕКОЛНО“ ВО ФИНИШОТ: НОВИОТ КАЛЕНДАР НА МОТО ГП ИМА 21 ТРКА, ПРИ ШТО ПО РЕЧИСИ ДВЕ ДЕЦЕНИИ КАТАР Е ПОМЕСТЕН ДА НЕ БИДЕ ПРВА ТРКА, ТУКУ „ДОДАВА ТЕЖИНА“ НА КРАЈОТ ОД СЕЗОНАТА

 

Во пресрет на стартот на новата мотоциклистичка сезона, кога зимските тестирања сè уште не се започнати, не може да се зборува за распоредот на силите и за очекувањата од новата сезона. Единствени факти се склучените трансфери на возачите, а и на тоа поле оваа зима беше исклучително мирна, бидејќи најголемите потреси де факто се преживеаја во текот на ланската година, кога Сузуки ја објави шокантната одлука за повлекување од спортот, и тоа само една година откако го обновија договорот.

Бидејќи големите тимови ги задржаа своите постави, немаше многу простор за Алекс Ринс и Жоан Мир да „избираат“, а дополнително Дукати најави дека ќе го замени Џек Милер со некој од возачите од сопствените сателитски тимови, па на крајот изборот падна на Ениа Бастијанини. Жоан Мир како светски првак од 2021 година доби предност во Хонда и успеа да се избори за шанса да вози покрај Марк Маркез, додека Ринс замина во таборот на сателитскиот тим, ЛЦР Хонда. Едно од најголемите прашања во пресрет на 2023 година е дали ќе уследи очекуваниот камбек на Марк Маркез. Шпанецот имаше историска серија со освојување на шест шампионски титули, но откако го повреди рамото во 2020 година, во трката за големата награда на Шпанија, најпрвин ја пропушти целата сезона, а потоа поради обновување на повредата, во следните две години уште три пати правеше операција. На крајот од минатата година, тој успеа да се врати во седлото и да постигне забележителни резултати, како што беше пол позицијата во Јапонија или стотиот подиум во кариерата на трката во Австралија, но на крајот од сезоната призна дека веќе ништо нема да биде исто.

Се разбира, многупати човек помислува на сè тоа што се случи со моето десно рамо. И покрај тоа, тешко е да се сфати и да си признае дека ја има таа повреда. Но на крајот мора да се помири со тоа, дека тоа е тоа. Вистина е дека имав четврта операција, и дека моето рамо никогаш веќе нема да биде исто и ќе има извесни ограничувања. Мора да се прифатат таквите ограничувања и ќе се трудам да надоместувам на поинаков начин, со моето тело. Во моментов не размислувам многу на тоа, туку како да се подобрам, како да се справам со тоа и како да се адаптирам.

Договорот на Маркез беше обновен на почетокот од 2020 година и го врзува за Хонда до крајот на 2024 година. Делумно поради неговата повреда, но и поради неможноста на Хонда да развие подобар мотор за борба со Јамаха и Дукати, шпекулациите укажуваат дека се можни коренити промени во овој тим.

Имам огромна почит за Хонда бидејќи начинот на кој што разговаравме во текот на овие две години додека бев повреден и начинот на кој што се грижеа за мене беше навистина посебен. Знам дека тоа не е нормално и јас секогаш ќе им бидам благодарен. Во овој момент во моите мисли јас единствено сакам да се вратам на врвот со Хонда. Доколку не можам да го направам тоа, доколку ги немам потребните алатки, ќе се обидам да го најдам најдоброто нешто за мене. Тоа е нешто што сме го разговарале и во моментот моја цел е да останам со Хонда, а уште поголема цел е да освојам нова титула. Тоа е нешто на што се надевам за иднината, изјави Маркез.

Сепак, тој нема да биде единствениот реконвалесцент на патеката. Во текот на зимскиот период Фабио Квартараро сподели лоши вести дека имал фрактура на зглобот додека тренирал мотокрос. – Мојата зимска пауза не се одвиваше според планот, бидејќи ја повредив раката за време на еден мотокрос тренинг. Но, продолжив да работам континуирано и се посветив на мојот кардио тренинг со цел да бидам сто отсто подготвен за новата сезона. Сега и повредата на мојата рака е комплетно санирана, па се чувствувам подготвен повторно да се борам за титулата. Ќе имаме нов дизајн и нови бои на мотоциклот, што е убава промена. Првите тестирања ќе ги имаме во Малезија и ќе се потрудиме, како што секогаш правиме, до максимум. Научивме многу за проблемите на моторот во 2022 година, и се надевам дека сега ќе можам повторно да се борам за титулата, откри Французинот.

Квартараро лани го продолжи договорот со Јамаха до крајот на 2024 година, а оваа година нема да има сателитски тим којшто би им бил од помош на возачите што ќе настапуваат во фабричката екипа. Се шпекулира дека во 2024 година тимот што го формираше Валентино Роси по своето повлекување би можел да стане сателитски тим на Јамаха, но досега нема официјална потврда за таквата вест и најавата е дека Роси ќе остане во таборот на Дукати.

Специфично е тоа што од 2012 година до денес се нема случено шампионот во Мото ГП да настапува со „единица“ на својата машина. Последен пат тоа го стори Кејси Стонер, кога ја освои својата втора титула во светското првенство, која што дојде четири години по историскиот триумф со Дукати во 2007 година, а во вториот случај беше освоена со Хонда. Иако нема посебна причина за избегнување на бројот 1, многу од шампионите ги задржуваа своите стартни броеви и успеаја да направат сопствен бренд, како што беше случај со „46“ на Валентино Роси и „99“ на Хорхе Лоренцо.

За мене бројот „63“ има големо значење и симболизира повеќе работи. Но вистина е дека оваа година ќе го носам бројот „1“ и од боксот ќе ми покажуваат пораки комуницирајќи ме на тој начин. Но сè останато ќе биде во знакот на „63“. Тоа ќе биде моја бројка засекогаш и мислам дека луѓето ќе ме идентификуваат со неа,  рече Франческо Бањаја при промоцијата за новата сезона.

Една од причините поради која што бројот 1 бил избегнуван во блиското минато од шампионите како Марк Маркез, Жоан Мир, Фабио Квартараро и претходно споменатите Роси и Лоренцо, е фактот што многу ретко се случувало актуелниот шампион да ја одбрани титулата носејќи ја „единицата“. Од 1949 година до денес, во 29 наврати се забележани само 12 успешни одбрани. Гледано низ призмата на последните две децении, само тројца возачи го ставиле бројот 1 на својот мотор, но ниту еден од нив не успеал да ја одбрани титулата. Последен пат ваков случај е забележан во 1998 година кога австралискиот возач Мик Дуан ја освои својата петта титула во кралската класа, која воедно беше и последна во неговата кариера.

Календарот на трките започнува со Големата награда на Португалија на 26 март, по што следуваат Аргентина и САД (Тексас). Традиционалниот европски дел на сезоната од крајот на април до почетокот на септември ги опфаќа „класиците“ во Франција, Италија, Австрија, Холандија, Германија и Британија, надополнети со новата трка во Казахстан и поместената Барселона која заедно со Сан Марино ќе го затвори ова поглавје во септември. Дури седум трки се предвидени за време на „прекуокеанската турнеја“ на Блискиот Исток и Азија (Индија, Јапонија, Индонезија, Тајланд, Австралија, Катар и Малезија), за финалето повторно да остане во Валенсија, на 26 ноември, по точно осум месеци од почетокот на сезоната.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.