Најнапред „скајсфера“ во роудстер пакување, потоа „грандсфера“ нешто како лимузина и „урбансфера“ , а сега и „активсфера“ во облик на сув или нешто слично. Сѐ е нешто поврзано со сферните облици, односно таков дизајн имаат сите концепти и најверојатно тоа е таа линија која Ауди ја одбира за иднината.
Четвртата „сфера“ е најнова и можеме да кажеме дека е во склад со претходните. Во себе носи многу луксуз и доза на екстраваганција. Поседува 100 kWh батерија и со едно полнење може да помине малку над 500 км, односно 506, додека максималниот вртежен момент изнесува 720 Nm. Погон на сите тркала и наместо класика од амортизери вградени се воздушни перници кои играат улога на амортизери. Доброто во нив е тоа што можат да се подесуваат пониско за на автопат или повисоко кога возилото е надвор од асфалтот. Максималната висина на шасијата од тлото е 248 мм. Концептот „ауди активсфера“ е класика од сув но „преоблечен“ во купе облик кој за еден миг се претвора во речиси класично пик – ап возило. Да, возилото е повеќе наменско, кога сака може да биде деловна „лимузина“, а во следниот миг може да се претвори во теренско возило кое во товарниот простор ги собира сите реквизити за престој во природа или истражувачко авантуристичка мисија.
Доколку овој концепт премине во сериско производство можеби ќе изгуби многу од технологијата вградена во него затоа што е прескапа за сериско производство но, Ауди, сепак, преку овој и претходните „сфера“ концепти ја најавува иднината. Секако дека прв во производство ќе оди сув концептот („активсфера“) затоа што светот ја обожува дизајнерската сув линија. Е сега, дали „активсфера“ е новиот „ауди рс 7“? Можно е затоа што на големо се зборува дека Ауди е во трка со време и на тлото од САД бара место за градење нова фабрика во која ќе се произведуваат исклучиво електрични возила, а тој дел од светот е плодна почва за виреење на сув возилата. Тоа значи, Ауди ќе треба сето тоа да го претстави со сериски автомобил во 2027 год. За четири години и нова фабрика и нов сув од најпрестижната класа, 4,9 метри во должина и 2,0 метри ширина.