PORSCHE VISION 357-ЈУБИЛЕЈ КРУНИСАН СО „ВИЖН 357“

30/01/2023

Годинава Порше слави јубилеј, 75 години од претставувањето на својот прв автомобил, моделот „356“. По тој повод производителот го претстави славеничкиот примерок посебно направен за оваа прилика, концепт моделот „вижн 357“. Јубилејниот автомобил е спој од минатото, од првиот спортски автомобил на Порше, спој од сегашноста, но и спој кој доаѓа од иднината. Концептот „порше вижн 357“ е правен на основа од моделот „кајман гт 4 рс“ чиј атмосферски „шестак“ боксер мотор со зафатнина од 4,0 литри поседува дури 500 КС. Сега некој ќе се спротивстави со коментар од типот, „зошто автомобилот не е електричен“.

Концептот „вижн 357“ иако го има еден од најсовремените клипни мотори, сепак е од тие што „чади“ и затоа е трн во око на екологистите. Сепак, јубилејниот модел е во согласност со најстрогите закони за издувните гасови и користи синтетичко гориво кое е сосема поинакво од класичното.

Како што спомнавме, во Берлин за првпат концептот „порше вижн 357“ е изложен пред публиката, а прославата ќе продолжи и ширум светот. Секако дека Цуфенхаузен (во непосредна близина на Штудгарт), родното место на Порше нема да биде заобиколено. И да не ги набројуваме местата и музеите каде „порше 356“ ќе ја прославува својата 75 годишнина, но ќе го спомнеме следново, караванот на Порше ќе посети дури 60 места на континентов и преку „големата вода“.

Сепак малку е чудно што Порше не го спомнува Истокот, а нарочно Кина која, од ден во ден, станува сѐ поголем купувач на автомобилите од оваа прочуена марка.

Покрај овој јубилеј, Порше ќе треба да ги заврати ракавите и да почне со прославата на 60 годишнината од појавувањето на првиот 911, односно тогаш 901, а малку подоцна преименуван во 911 затоа што Пежо ги имал патентирано сите трицифрени броеви со нула („0“) во средината. Да потсетиме уште на еден јубилеј кој има врска со Порше, но и со многу други марки. Тоа е 100 годишнината од одржувањето на првата трка на издржливост на патеката Сарт во местото Леман. На таа легендарна трка на издржливост именувана како 24 часа Леман, Порше има исклучителна улога со своите рекордни 26 победи. Ниту една друга марка нема толку победи на 24 часа Леман колку што има Порше.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.