Кинеската автомобилска индустрија не знае да земе воздух и да одмори. ГАЦ, еден од неколкуте гиганти во спомнатата индустрија неодамна преку својата марка Аион го лансираше моделот „хипер гт“, класика од седан, но во купе изведба со современа линија.
Лимузината е правена на новата основа (платформа) „аеп 3.0 ев“ и според распоредот на нештата кај производителот, „аион хипер гт“ ќе оди во продажба оваа година, најверојатно во втората половина. Најнапред во септември во продажба влегува „хипер сср“, купе со врвен дизајн и техничко технолошки решенија, а потоа „хипер гт“.
„Хипер гт“ уште од авион се гледа дека има измазнета линија, а инструментите кај неа измериле коефициент на отпор на воздухот од 0.19, со што „мерцедес е ку с“ и „тесла модел с“ заостануваат со 0,20. Сепак првото место, барем засега, го држи „лајтијр 0“ со запрепастувачки 0,175 Cd. Лимузината располага со еден погонски електромотор со вкупно 335 КС и со едно полнење на батеријата изминува најмногу 480 км, додека забрзувањео од 0 до 100 км/ч изнесува нецели 4,2 сек. Самостојното движење е овозможено од трите главни сензорски камери преку кои возилото добива слика во три димензии, а за сѐ да биде како што треба помагаат уште 40-тина сензори. Ова не е ништо ново, но Аион (ГАЦ) сака да му покаже на светот до каде стасал со технологијата. Ова купе лимузина ја доживеа својата светска премиера на Салонот за автомобили во Гвангжу што се одржа од 30 декември 2022 до 8 јануари 2023 год.
Жарко Атанасоски