Висока технологија-„НЕВИДЛИВИТЕ“ ЗВУЧНИЦИ НА ЛГ

03/01/2023

НАЈНОВОТО ОД ЛГ ЌЕ ГИ ИЗРАДУВА НЕ САМО СОПСТВЕНИЦИТЕ НА АВТОМОБИЛИТЕ ТУКУ И ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ. НАЈЧУДНО Е СЛЕДНОВО, ПРЕМНОГУ СЕ ТЕНКИ ЗА ДА БИДАТ ЗВУЧНИЦИ – САМО 2,5 ММ, А ВЕЛАТ ЗВУКОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ПРЕФИНЕТ

 

Овој пат во рубриката посветена на високата технологија ќе ги претставиме најновите звучни кутии од корејскиот производител ЛГ, посебно наменети за патничкиот оддел во автомобилите. И што е сега толку ново за да ЛГ дигне толкава прашина на голема врата? Звучниците наречени „тасс“ (thin actuator sound solution) се многу тенки и лесни, односно 10 пати потенки и за повеќе од три пати полесни од досегашните звучници за во автомобил – 150 мм високи, 90 мм широки и во длабочина само 2,5 мм и тешки само 40 гр. Денешниве автомобили имаат најмалку 15 звучни кутии или вкупно 2,0 и повеќе килограми. Не секој килограм, туку секои дополнителни 100 грама тежина влијаат негативно на секој автомобил. За тежината и за нејзината штетност големиот конструктор Колин Чепмен има кажано многу умни и употребливи мисли, како на пример: „Со додавање коњски сили во моторите, ќе бидете брзи само на правите делови од патеката, но со отстранување тежина (пред сè мисли на болидите, но и на сите возила) насекаде ќе бидете брзи. Чепменовата мисла е чиста вистина од неа нема бегање, а како потврда зад неа стои физиката, наука која е безмилосна кога некој бара дупка во законот на природата.

Инаку, дека е основач на тимот Лотус кој со децении е дел од формула 1 и воедно беше главен конструктор, тим засега единствен кој во еден момент имаше повеќе титули од големиот Ферари. Неговата филозофија на правење болиди (и автомобили) во основа беше „колку полесно толку подобро“.

Е сега таа мисла „колку полесно толку подобро“ ја применил и ЛГ во своите звучници. Тие не само што се полесни туку воедно се и потенки за 10 до 12 пати. Тоа значи дека „лг тасс“ може да бидат вградени каде ќе посакате и над сè нема да заземат простор колку обичните, досегашните звучници.

При претставувањето производителот не даде детални податоци за звучниците, туку нагласи дека звукот е изненадувачки раскошен и мошне впечатлив. Потоа напомна дека вибрациите кои ги прави звучникот се пренесуваат подеднакво на сите материјали во автомобилот, така што на некој начин одделот за патници, односно автомобилот се претвора во голема звучна кутија.

Иако многу малку знаеме за новите звучни кутии од ЛГ, сепак производителот е награден за нив од страна на ЦЕС (Конзумер Електроник Шоу) за 2023 во категоријата за возила, но затоа ќе дознаеме сè наредната година во јануари кога ќе биде отворена големата саемска манифестација ЦЕС што секоја година се одржува во Лас Вегас. Таму присутните ќе имаат прилика одблиску да се запознаат со сите детали и да го почувствуваат многу фалениот звук.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.