ИАКО ВЕЌЕ ЈА ОБЕЗБЕДИ ТИТУЛАТА НА ТРКАТА ВО ЈАПОНИЈА, ФЕРСТАПЕН СО ПОБЕДИТЕ ВО САД И МЕКСИКО УСПЕА ДА НАПРАВИ НОВ РЕКОРД ОД 14 ГРАН ПРИ ПОБЕДИ ВО ЕДНА СЕЗОНА, СО ШТО ГО НАДМИНА ПОСТИГНУВАЊЕТО НА МИХАЕЛ ШУМАХЕР
Трката во САД ветуваше најмногу за ривалите на Ред Бул, откако Саинц и Леклер го освоија првиот стартниот ред. Сепак, казната за Леклер да оди десет позиции поназад, како и на Перез (пласиран на 4 место) да оди пет места поназад, доведе до ситуација во првиот ред да се најдат Саинц и Ферстапен, додека во вториот да бидат возачите на Мерцедес, Хамилтон и Расел.
Во таква ситуација, во мешаницата по стартот дојде до контакт меѓу Расел и Саинц, по што возачот на Ферари беше елиминиран. Во таква ситуација, борбата за првото место веќе беше „готова“, но сепак една грешка во боксот на Ред Бул направи Ферстапен „да се испоти“ за победата, по што Хамилтон и Леклер финишираа на подиумот.
Убаво е што Расел се извини веднаш по трката, тоа е за почит. Но, тоа не значи дека јас сум среќен. Мислам дека ФИА требаше да биде построга во овој случај. Јас имав дуел со Ферстапен кој мораше силно да сопира на излезот од свиокот. И двајцата бевме пред излез, кога Џорџ ме удри одзади и тоа е штета. Вакви нешта се случуваат во средината, каде што има многу болиди околу тебе. Меѓу првите четири, не сум видел вакви судири да се случуваат често. Затоа и бев фрустриран по трката. Го прифатив извинувањето на Џорџ бидејќи тоа беше убаво од негова страна. Но, тоа е тоа, јас не можев ништо да направам, рече Саинц по трката.
Следниот гран при викенд во Мексико донесе сличен распоред на силите, со возачите на Мерцедес меѓу возачите на Ред Бул. Ферстапен ја имаше пол позицијата, Расел се протна за пет илјадити делови од секундата пред Хамилтон, додека перез го стартуваше домашното гран при од четвртото место. Меѓутоа и на оваа трка, Расел не се истакна на стартот и беше престигнат од двојката зад него, а Хамилтон покажа дека Мерцедес има постигнато голем напредок во сезоната и успеа да се одржи на второто место пред мотивираниот Мексиканец.
Треба да се нотира дека двата тима се одлучија за различни стратегии при изборот на гумите, но како и во многу наврати оваа сезона, подобра испадна стратегијата на Ред Бул и Ферстапен успеа да стигне до лесна победа, која му носи и историја во Формула 1. Макс пред една недела претходно во Тексас го израмни рекордот на Шумахер и Фетел за најмногу остварени победи во една Ф1 сезона, но во Мексико го подобри овој учинок и сега е самостоен сопственик на овој рекорд со 14 гран при триумфи, а до крајот на сезоната ќе има уште две шанси да го подобри.
АУДИ ЌЕ БИДЕ ПАРТНЕР НА ЗАУБЕР
Иако долго се шпекулираше со влезот на Порше во Ред Бул и на Ауди во Мекларен, на крајот првата зделка комплетно пропадна, додека во вториот случај германската фабрика се одлучи да влезе во Формула 1 преку екипата Заубер, која досега имаше соработка со Алфа Ромео. Германците ќе купат дел акции од швајцарската компанија и ќе настапуваат како фабрички тим, кој ќе добие и погонска единица подготвена од инженерите на Ауди. Од претходно беше познато дека Алфа Ромео ќе се повлече од своето брендирање на тимот на Заубер по крајот на следната сезона, а во 2024 и 2025 година Заубер ќе продолжи да користи мотори на Ферари. Ауди влегува во 2026 година, период кој е темпиран со оглед на влегувањето на сила на новите правила за погонските единици. |
РЕД БУЛ КАЗНЕТ ЗА ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ НА БУЏЕТОТ
Откако ФИА го воведе лимитираниот буџет за сите тимови во Формула 1, беше востановено дека во текот на 2021 година Ред Бул имал пречекорување кое е „помало од 5%“ во однос на лимитот, што се смета за минорен прекршок. Ривалите не ја пропуштија шансата да потенцираат дека иако станува збор за сума помала од два милиона долари, тоа е мошне значајно за развојот на болидот и дури имаше и повици за драконски казни кои би можеле да значат и одземање на бодови, што би можело да се рефлектира и на освоената титула за таа сезона. На крајот, ФИА пресече изрекувајќи казна од седум милиони долари и редукција на дозволеното време за развој на болидите во воздушниот тунел за 10%. Добивме значителна казна, од финансиска и спортска гледна точка. Седум милиони долари се огромна сума на пари, но најтешкиот дел е спортската казна, намалување од 10 проценти во аеродинамичните алатки. Гледам дека некои велат дека тоа е безначајно, но за нас тоа е драконски. Времето кое ќе го загубиме е помеѓу 0,25 и 0,5 секунди по круг. Тоа ќе има влијание врз нашата способност да настапиме на патеката онака како што навикнавме оваа година, – изјави Кристијан Хорнер, тимскиот шеф на Ред Бул. – Како и да е, ние ја прифативме казната, бидејќи сметаме дека тоа оди во интерес на Ф1, ФИА и Ред Бул. Никој нема да добие ако се продолжи процесот на шпекулации, заврши Хорнер. |
Ова е неверојатна сезона за нас како тим. Никогаш не сум помислил дека би можел да победам на 14 трки во една сезона. Но, да, сега сум неверојатно горд,- рече победникот Ферстапен. Рекордот од 13 победи на Шумахер беше поставен во сезона од 18 трки, додека Фетел го изедначи во сезона од 19 трки. Новиот рекорд доаѓа во 20 трка од сезоната, кога се планирани вкупно 22 трки.
Живеам за моментот. Се обидувам да сум најдобар секој гран при викенд, да победам во трка и тоа е најважното. Секој викенд, кога си одам дома, сакам да знам дека сум дал максимум од себе, или барем блиску до тоа, за да бидам среќен. Но, во Формула 1 многу нешта зависат од пакетот. Ние имаме одличен пакет и јас можам да уживам во моментот. Не сум заинтересиран да ја знам секоја статистика. Сепак, ова е одлична сезона и јас сум среќен што сум победил во многу трки. Во пресрет на последните две трки во Бразил и Абу Даби, Ферстапен е прв на табелата со 416 бодови, додека за второто место дуелот е меѓу Перез и Леклер, кои имаат 280 односно 275 бода. Расел во моментов е на четврто место со 231 поен, додека Хамилтон и Саинц се мошне блиску зад него со 216 и 212 бодови. Ред Бул во Тексас ја потврди и конструкторската титула која воопшто не беше доведена во прашање, па сега е водечки со 696 бода, додека Ферари сè уште има блага предност во однос на Мерцедес за второто место водејќи со 487 наспроти 447 поени.
Последните две трки се возат на 13 и 20 ноември, кога ќе се дефинираат и конечните позиции на сите табели.