СОНЦЕ ИМА, НО НЕ ГО КОРИСТИМЕ. ЗА ЖАЛ, ДЕНЕШНАВА ТЕХНОЛОГИЈА И НАУКА НЕ МОЖЕ ЦЕЛОСНО ДА ОДГОВОРАТ НА ПРАШАЊЕТО ЗОШТО НЕ СЕ ВО СОСТОЈБА ДА ЈА ИСКОРИСТАТ СЕТА СОНЧЕВА СВЕТЛИНА ШТО ЌЕ ДОПРЕ ДО СОНЧЕВИТЕ ЌЕЛИИ. ПОСТОЈАТ ТАКВИ СОЗНАНИЈА, НО ПОТРЕБНИ СЕ НОВИ ИСТРАЖУВАЊА
Фотоволтаици е збор што најчесто го слушаме во изминативе месеци. Сета врева околу фотоволтаиците настана поради најновите геополитички движења во светот.
Електричната енергија е скапа, но евтина е онаа што е произведена од обновливи извори. Еден од тие обновливи извори е сонцето со неговата светлина и топлина. Сега излез од енергетската криза ќе се бара токму преку сонцето и неговите фотони (честички) и брановата должина што се мери во херци. Македонија е земја на сонцето и тука има речиси 10 месеци со сончеви денови. Поради тоа забрзано се вршат подготовки за ставање во функција на таканаречените фотоволтаици.
Да разгледаме неколку детали за оваа проблематика. Кога електричната енергија се добива од претворање на сончевото зрачење, всушност тоа претставува сончева фотонапонска енергија. Овој процес физиката го нарекува фотоелектричен ефект, а уредите во кои сончевата светлина се претвора во електрична енергија се наречени сончеви ќелии. Сончеви ќелии преведени на англиски се фотоволтаици. Сончевите панели со ќелии се тема број еден речиси секаде во светот и јасно е дека тоа ќе бидат едни од најскапите производи бидејќи побарувачката е многу зголемена во однос на претходните години. Најголема корист од сето ова ќе имаат трговците што ќе го влијаат врз планирањето на цените на сончевите ќелии (панели).
Денешнава технологија и наука не може целосно да одговорат на прашањето зошто не се во состојба да ја искористат целата сончева светлина што ќе допре до сончевите ќелии. Потребни се нови истражувања. Од вкупната сончева светлина што ќе падне на сончевите ќелии најмногу може да се искористи до 40 отсто и тоа со најсовршените, најдобрите, технолошки најнапредните сончеви ќелии. Се поставува прашањето дали ќе бидат понудени на пазарот или исклучително се наменети за лабораториски истражувања, а за секојдневна употреба ќе се продаваат помалку продуктивните сончеви панели со ќелии? Очигледно вторите ќе бидат наменети за широка употреба, а оние со 40% искористеност само за лабораториите и вселенските летала.
При претворањето на 40 отсто сончева светлина во електрична енергија, остатокот од непретворената енергија излегува како топлина што влијае врз намалувањето на штедроста на сончевите ќелии. Колку повеќе топлина, толку повеќе се намалува ефектот при претворањето на сончевата светлина во електрична енергија. Така приближно работат сончевите ќелии што медиумите категорично ги именуваат како фотоволтаици. Добро е да споменеме дека има два вида сончеви панели.
Едните служат за затоплување вода, а другите за добивање електрична енергија што натаму ќе ја користи кој било електричен уред. Нам ни се потребни и едните и другите.
За да произведуваат што повеќе електрична енергија, површината на соларните ќелии мора да биде секогаш чиста. Колку што има повеќе прав на нив, толку помалку сончева светлина ќе стигнува до сончевите ќелии. Помалку светлина, помало количество електрична енергија. Накратко тоа е за сончевите ќелии што ја претвораат сончевата светлина во електрична енергија. Сигурно повеќето читатели ги интересира цената. Цената се формира според тоа колкав систем од сончеви ќелии ќе се вградат на покривот или во дворот. Систем од 3,5 kW сигурно ќе биде поевтин од 6,5 kW, но цената зависи и од штедроста на соларните ќелии, колкав процент од светлината што допира до нив може да ја претворат во струја. За една куќа со четиричлено семејство велат дека е потребен систем од околу 4,5 kW. Малку е комплицирано да се дојде до цената и затоа е најдобро да се погледнат податоците од земјите што веќе со децении користат сончеви панели со ќелии.