БИДЕЈЌИ ЧОВЕКОТ Е СОВЕСНО И НАЈСОВРШЕНО СУШТЕСТВО МЕЃУ ЖИВИТЕ БИТИЈА, УПОТРЕБЕНАТА ПЛАСТИКА ЈА ФРЛА КАДЕ ЌЕ СТАСА. ВЕЛАТ СВЕТСКОТО МОРЕ БИЛО ЗАГАДЕНО СО ПЛАСТИКА ЗАТОА ШТО ВО НЕГО СЕКОЈДНЕВНО СЕ ФРЛААТ ТОНИ И ТОНИ ОД ТОЈ МАТЕРИЈАЛ. ЧОВЕКОТ ЈА ФРЛА ПЛАСТИКАТА НАСЕКАДЕ, А НЕ НЕКОЈ ДРУГ, ТУКУ ТОЈ ШТО ЈА ИЗМИСЛИЛ И УПОТРЕБИЛ
Откако пластиката се појaви во човековото секојдневје предизвика револуција, односно замени многу материјали, како што се, на пример, дрвото, металите, стаклото, порцеланот, хартијата итн. Пластиката се покажа како материјал што многупати е полесен и од дрвото и од металите, поотпорна е на многу влијанија, едноставна за обликување и производство. Денес нема човек на Земјата што на себе нема нешто пластично. Човештвото толку многу е опкружено со пластика и зависно од неа, што е речиси невозможно тукутака да се отфрли или да биде заменета со некој друг материјал.
Најновите истражувања одат кон доусовршување на еден пронајдок наречен графен. Овој материјал е извлечен од графитот и, според пронаоѓачите, треба да ја замени пластиката и притоа ќе предизвика уште поголема револуција затоа што графенот е многу повеќе понапреден и посовршен како материјал од пластиката. Пронајден е во 2004 година од руските научници Андре Геим и Константин Новоселов, дело за кое научниците добиле Нобелова награда. За графенот и неговите квалитети пишувавме, но сега да се задржиме на пластиката. Прекумерната употреба на пластиката го доведе човештвото во ќор-сокак од кој тешко се излегува. Всушност човекот сам е предмет за набљудување. Пластиката има мани и предности, но човекот не постапува правилно со неа откако ќе стане неупотреблива. Ако е нешто неупотребливо, тогаш станува отпад. Што да се прави понатаму? Отпадната пластика треба повторно да се преработи и повторно да се употреби.
Се вели дека светското море било загадено со пластика затоа што секојдневно се фрлаат тони од тој материјал. Човекот, тој што ја измислил и употребил, ја фрла насекаде. На пример, на врвот Џомолумгма има пластика колку и на половите. Фрлената пластика е насекаде. Пластиката и сите на неа слични материјали се тешко разградливи, им треба период и по неколку стотици години. Распаѓањето е многу тешко, но се јавува уште еден проблем, а тоа е нејзиното својство да собира тешки метали. Смесата од пластика и тешки метали е премногу отровна за сè што е живо на планетава. Човекот сериозно размислува како да го реши пробемот со отпадната пластика.
Во последно време се работи на концепт за микророботи што „јадат“ пластика. Малите роботи се големи колку црвените крвни зрнца и се движат со помош на сончевата, односно дневната светлина. Откако ќе ја завршат работата со пластиката, се фаќаат со помош на посебни магнети затоа што телото од микророботите е обвиткано со тенок магнетен филм. Сето ова звучи убаво, но засега сè уште е во фаза на развој. Неодамна беа прикажани и мали вештачки риби со должина од 1,3 см што јадат пластика. И тие за движење ја користат сончевата, односно дневната светлина. На фотографијата сините полиња се колонии од микророботи.
Опасноста што ја носи пластиката не е толкава колку што е опасен човекот сам за себе. Пластиката е отровна и предизвикува многу заболувања, но човекот е уште поотровен затоа што не е доволно свесен за катастрофата што му се случува со пластиката. Микроделовите од пластиката се најопасните затоа што секоја жива единка секојдневно ги внесува во организмот. На пример во Јадранско Море седум од десет риби содржат пластика. Дали и колку микророботите ќе бидат полезни ќе се види кога ќе бидат пуштени во „сериско производство“. Засега во лабораторија покажуваат задоволителни резултати, а ќе треба да се докажат дека се супериорни во отстранувањето на пластиката од планетава.