Светско првенство во мотоциклизам-БАНАЈА ПОВТОРНО ВО ИГРА

23/07/2022

ФРАНЧЕСКО БАЊАЈА ГО СВРТЕ ВНИМАНИЕТО МИНАТАТА СЕЗОНА КОГА СО ЧЕТИРИ ГРАН ПРИ ПОБЕДИ СТИГНА ДО ВИЦЕ-ШАМПИОНСКОТО МЕСТО, ПА ДУРИ БЕШЕ И ПРЕТСЕЗОНСКИ ФАВОРИТ, НО ЛОШИОТ СТАРТ ГО НАДОПОЛНИ СО ДОБРА СРЕДИШНИЦА СТИГАЈЌИ ДО ТРЕТАТА ПОБЕДА ОВАА СЕЗОНА

 

Франческо „Пеко“ Бањаја е повторно главна вест откако стигна до нов гран при триумф на трката за Големата награда на Холандија во Асен. Очекувано, третата победа му донесе нов букет од бодови, со што фаќа чекор со врвот на табелата.

Дополнително, за неговата радост да биде поголема, во трката не финишираше актуелниот шампион Фабио Куартараро, кој воедно е водечки на табелата. Бањаја призна дека имале среќа, но сепак беше самокритичен и откри дека бил уплашен од можноста да падне поради влажната патека во финишот.

– Беше страшно, навистина страшно. Само еднаш погледнав во екраните на кои ја покажуваат трката, и го видов Алеш Еспаргаро во песокот. Покрај него имаше син мотоцикл, па претпоставив дека тоа е Куартараро. Имавме среќа, па си реков „океј, можам да се опуштам“. Но, разликата со Марко Безеки кој беше зад мене, постојано се намалуваше. Морав повторно да забрзам, да бидам паметен и да се воздржам во финишот. Тогаш дојде дождот, јас намалив, но Безеки продолжи да притиска. Бев уплашен дека можам да излетам, па главно ми беше да ја завршам трката. Не притискав до лимитот, а мислев дека патеката е повеќе влажна отколку што беше. Морав „да притискам без да притискам“, бидејќи кога врне не можеш да возиш низ свиоците како на суво. Најдов начин како да возам, и тоа беше океј,- објасни Бањаја.

Од друга страна, Алеш Еспаргаро обвини дека испуштил сигурна победа поради судирот со Куартараро.

– Тешко е да знаеме, но јас имав можност да победа, а Фабио да биде втор. Тоа ќе беа пет бода разлика. Тој излета, а јас успеав да се вратам и да освојам 13 бода. Во смисла на борбата за титулата, ова е подобро за мене, но сепак – ја загубив победата. Да можев да бирам, ќе изберев победа и 5 поени во однос на ривалот. Кога ќе ми ја покажеа таблата со времето по круг станував бесен, бидејќи знаев дека сум половина секунда побрз од претходниот рекорд на патеката. Тоа направи да возам агресивно и да ги стигнувам другите. Свиокот во кој што се судривме со Фабио беше еден од моите силни точки. Тој ми се извини бидејќи направил лоша проценка во сопирањето. Знам дека не е „нечист возач“, тој едноставно има одлично чувство за моторот и голема самодоверба. Денеска и јас се чувствував така и – се судривме,- изјави Еспаргаро.

Куартараро го призна тоа и во својата изјава рече дека направил почетничка грешка, па жали што го спречил колегата да стигне до победа, иако тој на крајот дојде до четвртото место. Но, откако беше казнет од стјуардите, се огласи преку социјалните мрежи.

– На идната трка сум казнет со „долг круг“. Сега не смеам да се обидам да престигнам бидејќи ќе помислат дека сум преамбициозен. Од почетокот на сезоната некои возачи прават „само обични тркачки инциденти“, а еве мојот бил опасен. Им честитам на стјуардите за одличната работа. Следниот пат нема да се обидам да престигнувам и ќе мислам да не зборувам за казната“,- напиша Куартараро.

Конечниот редослед на „лудата трка“ во Холандија е Бањаја, Безеки и Маверик Вињалес на третото место, со Алеш Еспаргаро на четвртата позиција.

Оваа трка дојде по германското гран при каде што со години доминираше Марк Маркез, а оваа година славеше Куартараро, пред Јохан Зарко и Џек Милер.

Воедно, по трката во Холандија, карванот на Мото ГП ја започна летната пауза и ќе се врати со трките во Британија и Австрија кои се предвидени за 7 и 21 август.

Куартараро е водечки на табелата со 172 бода, Еспаргаро се доближи на 151, по што следува Зарко со 114. Бањаја и Бастианини на 4 и 5 место имаат 106, односно 105 бода, а обајцата имаат по три победи и многу незавршени трки.

Прославата на Бањаја заврши со казна

Франческо Бањаја славел на шпанскиот остров Ибица, но во раните утрински часови тргнал да си оди и седнал зад воланот на својот автомобил. Откако излетал од патот на една раскрсница регулирана со кружен тек, била повикана полиција, која востановила дека возачот е под дејство на алкохол. Бањаја се извини преку социјалните мрежи и порача дека ја научил лекцијата дека не треба да се вози кога се консумира алкохол.

Во меѓувреме, неговиот тимски колега Џек Милер, беше објавен како возач за КТМ во следните две години, поради што шпекулациите велат дека има двајца кандидати за втората гаража на Дукати: Ениа Бастианини и Хорхе Мартин. Според написите, Шпанецот бил „сигурен избор“, но трите победи на Бастианини го замислиле раководството, поради што одлуката е пролонгирана. Пеко Бањаја изјави дека не сака да се меша и да влијае на изборот на тимски колега.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.