SKODA AFRIQ CONCEPT-СО ШКОДА ВО АФРИКА

13/06/2022

Пред скоро една деценија Шкода отпочна посебна соработка со студентите кои го изучуваат автомобилскиот дизајн. Таа заедничка соработка продолжува и еве нѐ пред концептот „шкода африк“ направен на основа од градското сув возило „шкода камик“. Од типичен претставник на градскиот метеж и асфалтна џунгла, сув моделот „камик“ беше преработен од студентите во возило кое треба да ја извози цела Африка. Студентите така го замислиле концептот, да биде пустинско возило, поточно рели возило, да потсетува на легендарното Рели Дакар. Многу детали и технички решенија се позајмени од „шкода фабија рели II ево“, многу успешно возило кое им ги измеша сметките на противничките тимови од светскиот рели шампионат во таа „помалата“ класа која некогаш беше нарекувана ВРЦ Јуниор.


Бидејќи концептот „шкода африк“ е чисто теренско возило, студентите со право барале да има погон на сите тркала и тоа позајмен од моделот „октавија“. Вакво возило мора да има и соодветен мотор. Изборот паднал на 2,0 литарскиот со ознака „тси“, тоа значи дека моторот има турбо компресор и развива солидни 190 КС. На ова треба да се  додаде „дсг“ менувачот со двојна спојка и седум степени на пренос на силината врз двете оски.
Самото име „африк“ и секако конструкцијата кажува какво возило е концептот. Затоа студентите се погрижиле возачот и совозачот да имаат доволно вода за пиење во секој момент од патувањето. Тоа е постигнато со посебен уред кој ја извлекува влажноста од воздухот и ја кондензира, а потоа со филтрирање и дополнителна минерализација ја претвора во питка вода која претходно е прочистена со УВ зраци за отстранување на микроорганизмите. Ваквиот уред е способен да произведе 20 литри питка вода на ден. Колку литри питка вода ќе бидат произведени зависи од влажноста на воздухот и надворешната температура. Aвтомобилот располага со по некоја дигитална играчка како на пример екрани осетливи на допир, со систем за навигација и преглед на работата на моторот и останати слични нешта.

Оригинално решение, оригинално возило. Шкода треба да се подзамисли – има концепт кој мириса на сериски производ. Браво за студентите и за нивната идеја, но зошто и како jа „оплескале“ со предната светлосна групација, тоа сѐ уште не е јасно. Зарем стасавме до таму да ги копираме моделите на конкуренцијата. Тие фарови се на Алфа Ромео за првпат вградени во моделот „ц з“ произлезени од дизајнерското студио Загато, а денес ги има во „тоналето“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.