ЗОШТО ВИСОКАТА ТЕХНОЛОГИЈА НАЈЧЕСТО ЈА ВРЗУВААТ СО БЛАГОРОДНИТЕ МЕТАЛИ И СКАПОЦЕНИТЕ КАМЕЊА (МИНЕРАЛИ)? ЧАСОВНИЦИТЕ ЗА КОИ ПИШУВАМЕ СЕ ТОКМУ ТАКВИ, ВО СЕБЕ ИМААТ ВРВНА МАШИНА, ЕДНА И ЕДИНСТВЕНА НА ПЛАНЕТАВА, НО ПРЕВИСОКАТА ЦЕНА Е ДЕЛО НА ПЛАТИНАТА И ДИЈАМАНТИТЕ
Светот на високата технологија е насекаде околу нас. Нема нешто направено, а во него да не е присутна високата технологија: автомобили, авиони, пловила, велосипеди, облека, тениски рекети, очила, часовници, градежни материјали и уште милион други предмети кои човекот ги направил со помош на најновите техничко технолошки алатки и достигнувања.
Часовниците како и сите други предмети се дел од таа висока технологија. Штом нешто во себе содржи најнова технологија, истото е и најскапо. Се чини моделот „полноќен планетариум“ е еден од тие, инаку сопственост на марката Ван Клиф и Арпелс познати во светот по луксузни предмети, накит и останати „играчки“.
Производителот ја претстави „поетската комплицирана колекција“ и на јавноста й подари еден рачен часовник за дамите и еден за појакиот пол именувани како „полноќен планетариум“ и „лејди планетариум“. Телото на второ споменатиот часовник посветен на дамите е изработено од платина опточено на краевите со дијаманти, а чудниот механизам или подобро да кажеме комплицираниот е приказна за себе. Механизмот содржи пет подвижни дискови. Првиот диск (прстен), со најголем пречник е наменет за покажување на точното време, односно ја следите ѕвездата што паѓа за да дознаете колку е часот. Таа ѕвезда го обиколува „небескиот свод“ за 12 часови. Потоа на ред е нашава планета која прави еден круг (револуција) за 365 денови, додека месечината на секои 24 часа ја обиколува земјата. Следна планета е Венера и најблиску до сонцето е Меркур. И како што е редот во космичкиот простор, сонцето е во центарот на нашава галаксија, така е и на часовникот за дамите. Да не заборавиме да кажеме дека секое космичко тело е направено од некој драг камен како на пример месечината е направена од дијамант, а Венера најверојатно од сафир. Комплицираното движење на планетите околу сонцето е овозможено од единствениот механизам што досега е вграден во некој часовник. Ист таков механизам има и изведбата „полноќен планетариум“ наменета за машкиот пол, со таа разлика што на него се поставени повеќе подвижни дискови затоа што има повеќе небески тела. Во ценатрот е Сонцето, а потоа планетите: Меркур, Венера, Земја, Марс, Јупитер, Сатурн, и во најголемиот прстен сместена е ѕвездата што паѓа (кометата) која за 24 часови прави еден круг и воедно го мери времето.
Покрај вселената, во часовникот е присутна и геологијата – планетите се изработени од минеали. Меркур е направен од серпентин, Венера од хлоромеланит за Венера, тиркизот е за планетата Земја, црвен јаспис за Марс, син агат за Јупитер и сугилит за Сатурн. И сега за 687 денови Марс ќе направи една револуција, а Сатурн ќе се заврти околу сонцето за 29,5 години или 10.756 денови. Сето тоа се гледа на двата спомнати часовници посветени на вселената.
Ако сега во моментов купите еден од двата часовници, планетите се поставени веродостојно како и во реалниот сончев систем. Механизмот е автоматски, односно сам се навива и е премногу комплициран затоа што сите дискови (прстени) се поврзани, а се движат со различна брзина и згора на тоа најголемиот диск (прстен) го мери времето со голема точност. Овој премногу комплициран механизам содржи 396 делови и е дело на Кристијан ван дер Клаув врвен мајстор над мајсторите за астролошките часовници. Тој е повикан од компанијата Ван Клиф и Арпелс да ги конструира овие два часовници кои нарачателот ги нарече „поетска комплицирана колекција“.
За „компликацијата“ да биде подготвена за светска премиера од цртеж до краен производ биле потребни две и пол години. Сето тоа ќе ве чини 250.000 долари или по 50.000 долари за секое од петте шестмесечја во тие две и пол години.