ЉУБОВТА Е КАКО ВИНОТО…

13/02/2022

ТАКА ПЕЕШЕ ОЛИВЕР ДРАГОЕВИЌ ЧИЈА ПЕСНА, ОДНОСНО НЕЈЗИНАТА ОРИГИНАЛНА ВЕРЗИЈА ГЛАСИ „ЉУБОВТА ТВОЈА Е КАКО ВИНОТО“. БЕЗ ОГЛЕД НА ТОА, СИГУРНО ЌЕ СЕ СОГЛАСИТЕ СО НЕЈЗИНАТА ГЕНЕРАЛИЗАЦИЈА, Т.Е. ОБОПШТУВАЊЕ БИДЕЈЌИ СУШТИНАТА Е ИСТА, ВО СЕКОЈ ПОГЛЕД. ФЕВРУАРИ Е МЕСЕЦ КОГА СЕ ЧЕСТВУВА И СВ. ТРИФУН И СВ. ВАЛЕНТИН, ПРАЗНИКОТ НА ВИНОТО И НА ЉУБОВТА, ВО КАТОЛИЧКАТА ВЕРА. И ПОКРАЈ ТОА ШТО ПРАЗНИЦИТЕ ИЗМИНАА, ВИНОТО И ЉУБОВТА СЕКОГАШ ГО ПРИВЛЕКУВААТ ВНИМАНИЕТО НА ЧИТАТЕЛИТЕ, ОСОБЕНО ФАКТИТЕ. НА ЉУБОВТА ЌЕ СЕ ПОСВЕТИМЕ ВО НЕКОЈА ДРУГА ПРИГОДА, ОВОЈ ПАТ ЌЕ ГОВОРИМЕ ЗА ВИНОТО…

 

Во нивната поврзаност не може да се има сомневање, таа е многупати докажана и, се разбира, опеана. Виното често се опишува и со еден збор емоција. Чувството е присутно и на трпезата, каде што се збира семејството, и меѓу виновите лози, па и во камените визби, меѓу дрвените бочви, особено меѓу прстите на винарите, за време на гмечењето, односно цедењето на грозјето.

Неодоливо е кога некоја заборавена песна ќе ни го забрза пулсот, а очите ќе ни се насолзат од радост. Отворете шише вино, сипете во чашите на оние што седат на трпезата со вас и наздравете. Причината нека биде љубовта, па и животот, а спомените од таквите дружби стануваат незаборавни. Црвено, розе или бело, изборот на виното се прави согласно времето (денески, навечер), јадењето, па и поводот. Аромата која ни се допаѓа, исто така, влијае на изборот. Жените имаат доста чувствително сетило за вкус, од тие причини сакаат повеќе бело вино чија свежина е неодолива, додека појаките ароми се резервирани за мажите.

Но, правилата можат и да се кршат, виното е прашање на вкус и не треба да се прави отстап. Вистинските љубители се раководат од „саатницата“  ако е доцна за бело, а рано за црвено, ќе изберат розе. Патем кажано, и блиските пријатели, роднини се како виното, секој е различен, поинаков, следствено и посебен, со единствен, неповторлив карактер, исто како винските ноти. Без оглед на инаквоста, редовно се среќаваме со нив, прославуваме, ја делиме среќата. И виното, секако. А, неговата симболика е многузначна. Тоа е амблем на животворната сила, духовниот благослов, спасот, радоста, вистината, преобразбата. Големиот винопиец обично е и познавач на виното, добар се разбира. Неретко истражува додека не го избере најдоброто, а често и дебатира со другите за омилената La Carte des Vins (листа на вина). Според нив, десетте вина чија популарност не замира во ниеден момент, а причината е повеќе од јасна – заедничка им е пивкоста и, секако, вкусот, аромата итн:

10. PINOT NOIR  црвено вино, а неговата популарност ширум светот расте со немерлива брзина. Омилено е поради исклучителниот вкус на црвените овошја и цветните ноти. Истоименото грозје сака поладно време, затоа вирее најмногу во Бургундија (Франција), Нов Зеланд и Орегон, меѓу другото.

9. TREBBIANO TOSCANO  бело вино. Се прави од истоименото, а сепак не многу познато грозје. Има голема примена и во производството на оцет балсамико и француско бренди. Од него се прави коњак, исто така, но името е поинакво – Ugni Blanc.

8. SAUVIGNON BLANC  бело вино. Sauvignon значи дивјак (буквален превод) што ги означува „дивите“ лозови насади околу Бордо (Франција) и долината на Лоара. Виното е посебно, чија популаризација расте поради фактот дека истоименото грозје всушност е матично кога се работи за Cabernet Sauvignon. Такви се информациите од неодамнешните истражувања.

7. GRENACHE (Garnacha)  црвено или поточно светлоцрвено вино каде што преовладуваат нотите на темноцрвените зрнести плодови. Недоволното количество танин се компензира со киселоста и високиот процент на алкохол. Истоименото грозје може да се комбинира и со Monastrell (Mataro) и со Syrah (Shiraz).

6. SYRAH (Shiraz) црвено вино. Се произведува во северна Рона (Франција), а неговата популарност е најголема во Австралија. Всушност, на петтиот континент е познато како Shiraz.

5. CHARDONNAY  бело вино, најпознато во светот и омилено меѓу винопијците, а потекнува од Бургундија (Франција) каде што виното зрее во дабови бочви. Таква е традицијата. Имено, дабовината влијае на неговата јачина, затоа важи за јако бело вино.

4. TEMPRANILLO  црвено вино, едно од позабележителните во Шпанија, од розови до црвени. Сепак, Tempranillo најмногу е присутно во два региона – Rioja и Ribera del Duero.

3. AIRÈN  бело вино. Без оглед на плодноста, популарноста на грозјето е мала. Најмногу расте во шпанската регија Castilla-La Mancha каде што виновите лози се посадени ретко за да ја преживеат сушата.

2. MERLOT  црвено вино. Од истоименото грозје се добиваат исклучителни, вредни вина. Интензивните ароми на црешите и префинетата структура на танинот се, всушност, неговите најбитни карактеристики.

1. CABERNET SAUVIGNON  црвено вино, а истоименото грозје од француско потекло ги популаризира вината кои се произведувале во Бордо на почетокот, иако е така и денес. Не толку одамна, Cabernet Sauvignon вирее насекаде низ целиот свет, вклучително и во Кина, па и во Либан.

Апропо винопијците, енолозите, односно специјалистите за вино го избраа најдоброто за 2021 година, во светски рамки. Гласале 190.000 енолози. Конкуренцијата била огромна, се натпреварувале дури 204.675 различни вина.

Наградата ја добило 2018 Château Mouton Rothschild, црвено вино од Бордо (Франција), чиј состав е 86 % Cabernet Sauvignon, 12 % Merlot и 2 % комбинација на Cabernet Franc и Petit Verdot. Зад себе остава мирис и вкус на зачини, како и темноцрвени, модри овошја. Се избрало и најдоброто бело вино – австралиското 2018 Penfolds Yattarna Bin 144 Chardonnay. Најдобар шампањ е Rare Champagne Millèsime 2008 од француската покраина Шампањ, а меѓу пенливите вина победило Fontanafredda Alta Langa Rosè Contessa Rosa 2014. Ixsir Grande Rèserve Rosè 2018 потекнува од Либан, долината Бека, и е најдобро меѓу розе вината, додека 2018 Robert Weil Kiedrich Gräfenberg Riesling Trockenbeerenauslese од Рингау, Германија, е избрано за најдобро слатко вино, се разбира ширум светот. Со придавката најдобри се „закитија“ и 2017 Niepoort Vintage Port (порто од Дуро, Португалија), и 2015 Bond St Eden (Cabernet Sauvignon од долината Напа во САД), и 2015 Masseto (Merlot од Тоскана, Италија), и Armand Rousseau Chambertin Grand Cru (Pinot Noir од Бургундија, Франција). За најдобар производител на шампањ е избран францускиот Piper-Heidsieck, американската винарница од долината Напа Promontory е прогласена за најдобра во категоријата нова и, следствено, винарот Cory Empting оттаму е најдобар во светски рамки. Фактот дека виното е чувство, емоција во буквалната смисла на зборот, се потврдува и во неодамнешната продажба, односно аукција што ја организираше Christie’s, кога едно шише вино (шампањско) се купило за 57.000 долари. Не случајно велат дека чувствата, емоциите се бесценети. Наводно анонимусот е голем винопиец, а брендот Perrier-Jouët му е омилен кога се работи за шампањ. Цената ја кренала бербата од 1874 година.

Производството и денес е исто како некогаш во белгиската Maison Belle Époque, а виното има вкус на батерскоч, карамел и мед. Иако се очекувале 20.000 долари, од високата цена се изненадиле и аукционаторите. Покрај шампањот, купувачот добил и ВИП третман во куќата  посета на винарницата, прошетка низ мануфактурата со еден водич и ручек во нејзината визба каде што ќе може да ги проба деликатесите на кулинарот Pierre Gagnaire со ѕвезда на „Мишелин“.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.