Нештата излегоа токму како што предвидовме. Електричен концепт на Мерцедес кој беше закажан премиерно да биде претставен на 3 јануари, навистина има ретро линија проткаена со многу современи детали, но се насетува присуството на некогашниот дизајн. Концептот „е ку икс икс“ е класична лимузина, со некласичен дизајн и се разбира четири врати. Ниската силуета најавува добар коефициент на отпор на воздухот, а според мерењата тој изнесува 0,17 Сх – фантастично обликувана школка од страна на дизајнерите. Тој ист коефициент кај моделот „е ку с“ изнесува 0,20.
Сосема новата батерија заедно со придружните елементи тежи скоро 500 кг, или за 30 отсто е полесна од батеријата во „е ку с“. Капацитетот на батеријата е 100 kWh, а за секои изминати 100 км потребни се 10 kWh. Тоа точно кажува дека автомобилот може да измине 1.000 км. И 20 инчните тркала се полесни затоа што се направени од магнезиум, но и дисковите се направени од алуминиумска легура и се полесни од класичните. „Играњето“ со лесните материјали е задолжително затоа што електричните возила се далеку потешки од истите возила со ото или дизел мотор. Колку за информација автомобилот тежи 1.750 кг, бројка и не толку голема за спортска лимузина, односно бројка слична на тежината од „сув“ возилата. И за што подобро искористување на сончевата енергија, конструкторите на горниот дел од возилото и задното ветробранско стакло вградиле сончеви панели.
Сега за крај да го спомнеме сериското производство. Сè уште не се знае точно како ќе се одвиваат работите, но можно е концептот „е ку икс икс“ да влезе во сериско производство, или, пак, Мерцедес само најавува што ќе вгради во идните сериски модели.
Жарко Атанасоски