SKODA SLAVIA-ШКОДА ЗАМИНА ЗА ИНДИЈА

18/11/2021

Индија е еден од петте светски најголеми пазари не само за автомобили туку и за милион други производи, но ако тој регион, Средниот и Далечниот Исток, го разгледуваме целосно, тогаш убедливо води пред сите, оставајќи го американскиот на далечното второ место. Токму во Индија еден европски производител наскоро ќе приреди светска премиера на својот најнов модел посебно осмислен, дизајниран и подготвен за потребите на тамошните жители. Шкода е тој производител кој ќе го претстави моделот „славија“.

Новиот модел е замена за досегашниот „рапид“ кој, исто така, беше посебно доправан за индискиот пазар. Според димензиите, должина 4.541 мм, „славија“ е во класа со овдешната „фабија“ само што е конструирана во лимузинска изведба. Дали производителот подоцна ќе подготви и други изведби, засега е непознато.
Според неодамна објавените официјални цртежи, внатрешноста на „славија“ многу потсетува на поголемата „октавија“, но и на „рапидот“ и на „фабијата“. Чешкиот производител направил дизајнот да биде позајмен од веќе постоечките модели, но додал уште нешто, а тоа е скромната опрема, додека таа која отскокнува и луксузната се отстранети. Со овој потег цената на „шкода славија“ ќе биде попривлечна за поширок круг купувачи, а тоа значи постигнување поголемо производство во кое е вклучена солидна опрема, најпотребната. Планерите заедно со аналитичарите велат дека успехот е речиси сигурен, само што не можат да предвидат со каков ритам ќе се одвива продажбата.


„Шкода славија“ е направена на приспособливата основа „м ку б – А 0 – и н“ посебно створена за индискиот пазар. Механичките направи задолжени за задвижување на автомобилот засега се две на број, а подоцна можеби ќе бидат повеќе. Двете се бензински со работна зафатнина на цилиндрите од 1,0 и 1,5 литри и обете се снабдени со турбо компресор. Покрај разликата во работната зафатнина, има уште една, а тоа е бројот на цилиндрите. Помалиот по зафатнина  мотор има  три цилиндри во линија, а поголемиот четири во линија и располагаат со 115 и 150 КС.
Како што претходно најавивме, датумот на првото прикажување е 18 ноември, додека производството ќе отпочне неколку недели подоцна во фабриката лоцирана во градот Пуне каде што во моментов се произведува „сув“ моделот „кушак“ припадник на класата „б“, возило кое својата механика ќе дели со новата мала лимузина.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.