Покрај сите организациски предизвици да се направи еден ваков настан во исклучително турбулентна година, Авто Плус Street Show има потенцијал да прерасне во една прекрасна традиција. По првото издание кое се одржа во 2019 година, годинешниот настан навистина ги пресретна очекувањата на сите автомобилски ентузијасти, фанатици, вљубеници во убавиците на две и четири тркала, но и сите оние љубопитни луѓе кои го посетија големиот паркинг на СЦ „Борис Трајковски“ за време на викендот помеѓу 16 и 17 октомври.
Најголемиот авто-мото настан во Македонија повторно ги исполни очекувањата, а овој уникатен автомобилски саем на отворено помина со одлично расположение и забава за сите кои досега мораа да отпатуваат во странство за да присуствуваат на манифестација од ваков тип. Присутните имаа можност да се запознаат со голем број новитети на македонскиот пазар, како и со понудите за комерцијални возила, нови мотоцикли, АТВ, четирицикли, електрични скутери и мотори, автомобилска галантерија и додатоци за возилата. Сè на едно место изведено на уникатен и алтернативен начин за презентирање на нови, еколошки, технолошко напредни возила.
На овогодишниот Авто Плус Street Show беа присутни 22 изложувачи со над 40 брендови, а посетителите секако имаа што да видат. Во стилот на најголемите автомобилски настани од светот, така и на Street Show 2021 имаше и официјални презентации и премиери на новитетите на македонскиот пазар, па така јавноста која беше присутна на самиот настан, или која го следеше истиот преку стриминг на социјалните мрежи, можеше да се запознае со целосно електричниот Porsche Taycan, новиот Porsche Macan, освежената Dacia Duster, целосно електричниот кросовер Seres 3, потоа Audi A3 Sedan, новиот Renault Megane Conquest, како и авантуристичките камп-приколки на Caretta. Со одлична и врвна организација во текот на двата дена, Авто Плус Street Show еволуираше во своето второ издание, што само по себе наметнува уште повисоки стандарди за следниот настан.