PORSCHE MISSION CONCEPT-ВОЗМОЖНА МИСИЈА

05/10/2021

Саемската манифестација ИАА Мобилити одржана во Минхен од 7 до 12 септември не беше во рамките на статусот кој го има затоа што многу марки не учествуваа. Иако манифестацијата е една од петте најголеми во светот, наликуваше на локална изложба, домаќините беа најзастапени. Меѓу тие многубројни домашни производи на четири тркала беше и Порше со своите најнови достигнувања од кои најзабележителен беше концептот „мисија р“. И токму името му одговара бидејќи овој целосно електрифициран тркачки автомобил сега е во „мисија кај човечкиот род“ да му покаже каде оди автомобилската индустрија, поточно на што ќе се сведат трките. Порше го покажа тоа што најдобро умее да го прави и затоа оваа марка, колку толку, мора да ја разбереме за нејзините напори што ги прави за подобро да биде осознаена иднината на електричните спортски, но и туристички автомобили.

„Порше мишн р концепт“ набрзо ќе се најде на тркачките патеки, поточно неговиот наследник, серискиот автомобил, само е прашање на време кога тоа ќе се случи. Врвната технологија присутна во возилото ја покажува сета своја раскошност преку брзинските особини, а тие се од суштинско значење за учество на трките. Должината на концептот е за малку помала од таа на моделот „718 кајман“ или точно 4.326 мм, но затоа ширината е многу поголема, дури 1.990 мм, а висината се знае, таа мора да биде многу помала од таа на „718 кајман“ затоа што ова е чисто тркачко, а не туристичко возило – 1.190 мм. Батеријата е сместена во подот, на средина од возилото за што подобра избалансираност на масата од возилото, со што се добива поголема стабилност. Поради 900 волтажната технологија, на пример за време на трка дополнувањето на „гориво“ ќе трае 15 минути доколку батеријата сакаме да ја наполниме на ниво до 80%, податок кој влева надеж дека во иднина батериите ќе се полнат уште побрзо. Инаку капацитетот на батеријата е 80 kWh која напојува со електрична енергија два електромотори, по еден за секоја оска. На предната оска концептот добива силина од 435 коњи, а на задната дури 653 или вкупно 1.088 КС. Толку мало возило, а толку многу коњски сили мора да даде врвни брзински достигнувања – од 0 до 100 км/ч забрзува за 2,5 секунди, а крајната брзина е поголема од бројката 300 изразена во километри на еден час.

Бидејќи отпорот на воздухот не само кај тркачките туку и кај туристичките возила е од пресудно значење, Порше ги има воведено овие уреди „порше актив аеродинамикс“ кој е во тесна врска со „драг редакшн систем“. Овие системи делуваат на големината на страничните отвори и на дводелниот заден спојлер. Тоа се тие уреди способни да го менуваат обликот на возилото со цел да се подобри аеродинамиката, а со тоа се подобрува крајната брзина и потрошувачката на „гориво“ е помала.

Можно е концептот „порше мишн р“ да биде експериментален модел врз кој ќе бидат направени бројки тестови, а подоцна резултатите да послужат за конструирање негов наследник кој ќе излезе на тркачките патеки, а не е исклучена можноста од тој тркач да произлезе и туристички модел. Затоа оваа „мисија“ на Порше е возможна, а не невозможна.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.