Ако „скајсферата“ не ви беше доволна, Ауди се погрижи и за овој недостаток, па на Салонот за автомобили во Минхен (замена за Франкфурт) премиерно ќе го претстави и концептот „грандсфера“ (покрај веќе претходно видениот концепт „скајсфера“).
Со концептите „сфера“ кои засега се два, додека третиот „урбансфера“ ќе почека до следната година, производителот сака да „врзе една машна“ во крајно луксузен пакет. Тој пакет во себе содржи и традиционални материјали, но и ултра современи, електроники, нанотехнологии, до самоуправувачка технологија од четврто ниво и уште многу други нешта. Концептот „грандсфера“ е класика од лимузина, но со префинет дизајн, како да потсетува на некогашните лимузини од пред 50 и повеќе години. Лимузината поседува вистински раскош почнувајќи од димензиите, должина 5,35 метри, точно 2,0 метри ширина и 1,39 метри висина, додека растојанието меѓу оските изнесува завидни 3,19 метри. Во споредба со сегашната „а осумка“, концептот „грандсфера“ е за 48 мм подолг, 55 мм поширок и има подолго меѓуоскино растојание за 62 мм од таа „осумката“ со зголемено меѓуоскино растојание. Можеби сега имате претстава, барем малку од малку, за каква лимузина станува збор – лимузина од најголем калибар. Толку впечатливи димензии сигурно резултираат со врвна удобност која не може да се спореди со таа од правата авионска класа затоа што оваа е луксузна класа. Како што нештата „одат“ во леталата, економска класа, бизнис класа, прва класа, но внатрешноста во „ауди грандсфера концепт“ е луксузна класа.
Електрониката вели дека автомобилот може да биде самоуправуван со четвртото компјутерско ниво, односно без возач. Кога некој ќе посака да го вози, а не да биде возен, тогаш управувачот излегува од таблата со инструменти а, исто така, и педалите се појавуваат, изникнуваат од подот. Од крајно удобна дневна соба концептот „грандсфера“ се претвора во некакво средство за превоз од типот на тие од научно фантастичните филмови, како на пример вселенскиот брод „ентерпрајс“.
Вакви и слични детали ги има многу во најновото чудо на четири тркала „грандсфера“, но во суштина ова е само мислењето на Ауди какви модели би можеле да го запоседнат асфалтот. Како по некое непишано правило концептите речиси секогаш се преубави и крајно време е некој производител да изненади и да претстави сериски автомобил со раскошен дизајн. На пример, што би му фалело на Ауди сега на изложбата во Минхен да го претстави моделот „грандсфера“ и да каже ова не е концепт, туку сериски автомобил. Светот е многу уморен од веќе видените облици и е гладен да види нешто ново, нешто сосема поинакво од досадните кои ги имаме во секојдневието. Пред две – три недели „скајсфера“, раскошен купе кабриолет со димензии na лимузинa, сега „грандсфера“ лимузина од највисока категорија и сега сме во очекување на „урбансфера“, концепт кој треба да се појави во 2022 најверојатно за изложбата во Женева. „Ауди грандсфера“ може да се споредува со многу нешта како на пример со бродот „ентерпрајс“, но над се овој концепт е многу повеќе од луксуз и затоа досега требаше да биде внесен во продажните салони, а не само да парадира на изложби.