ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ВЛЕЗЕ ВО ИСТОРИЈАТА КАКО ПРВА НА КОЈА БЕШЕ ИСПРОБАН НОВИОТ СИСТЕМ НА КВАЛИФИКАЦИИ И ВО КОЈА БЕШЕ ТЕСТИРАН ФОРМАТ ЗА ИДНИТЕ ГРАН ПРИ ВИКЕНДИ
Новите квалификации всушност предвидуваат еден тренинг помалку во петок, по што се вози стандардна квалификациска сесија истиот ден, а во сабота (на местото на досегашните квалификации) се вози спринт трка од 100 километри, по што на неделното гран при возачите ќе стартуваат онака како што финиширале во неа. На Силверстоун, Формула 1 карванот пристигна по три победи во низа на Макс Ферстапен извојувани на трките за Големите награди на Франција, Австрија и Штаерска (последните две на истиот автодром), по што силно одекна веста дека Хамилтон ја освои класичната пол позиција за спринт трката, иако предноста беше само 75 илјадити делови од секундата. Во иста класа со нив беше и Валтери Ботас (+0,194), додека од четвртото до седмото место се најдоа возачи чии резултати беа „во иста десетинка“: Леклер, Перез, Норис и Рикиардо кои заостануваа од 694 до 765 илјадитинки во однос на Хамилтон. Во првата десетка имаше место и за Џорџ Расел, Карлос Саинц и Себастијан Фетел. Спринт трката донесе возбуда на стартот кога Ферстапен го мина Хамилтон и ја презема првата пол позиција остварена во „квалификациска трка“, додека останатите ги задржаа своите позиции. Најголем напредок постигна Алонсо, кој се проби на петтото место по стартот од 11-та позиција, но подоцна беше престигнат од Норис и Рикиардо.
Среќен сум што завршив, но утре е нов ден за нова битка. Болидот на Ред Бул е силен во трка, едноставно почна да се одвојува и јас не можев да направам ништо. Нивниот мотор е унапреден оваа година, имаат одлични стартови, а ние како да имаме загубено дел од перформансите, изјави Луис Хамилтон од Мерцедес. Разликата од другите трки е голема, но убава. Преферирам да возам во вакви услови кои ме потсетуваат на деновите кога се долеваше гориво. Гумите имаат поинакви перформанси кога се свежи, се вози со малку гориво. Возевме 17 круга со „гас до даска“, нешто на што не сме навикнати, објасни Шарл Леклер. Болидот е многу „пожив“, за разлика кога е наполнет со гориво за долга трка, па е тежок и бавен на стартот. Тоа многу ми се допадна, надополни Ферстапен. Поведени од ваквата увертира, сите очекуваа трка со нова и лесна победа на Ферстапен, но наместо тоа, се случи поинаков расплет. Хамилтон и Ферстапен имаа тежок дуел за водечката позиција во почетните фази од трката во Силверстон, па во првата половина од кругот се натпреваруваа тркало до тркало. Во свиокот „Копс“ се случи Хамилтон со предната лева гума да го допре Макс во задната десна, по што Ферстапен излета, бидејќи во моментот на допирот се најде од надворешна страна во мошне брз свиок.
ФИА ГО ИСТРАЖИ ИНЦИДЕНТОТ И ОДЛУЧИ ДЕКА ЗА НЕГО Е ВИНОВЕН ХАМИЛТОН, ПА МУ ОДРЕДИ КАЗНА ОД ДЕСЕТ СЕКУНДИ
Во документот кој ги објаснува причините за санкцијата, стјуардите објаснија дека Хамилтон можел да стори повеќе за да го избегне инцидентот, бидејќи имал простор од внатрешноста на свиокот Копс за да избегне контакт со болидот на Ферстапен. Во нивното соопштение се вели: Стјуардите го прегледаа видеото и доказите од телеметријата. Болидите 33 (Ферстапен) и 44 (Хамилтон) влегоа во свиокот број 9 со болидот 33 во водство, а болидот 44 веднаш зад него и од внатрешната страна. Болидот 44 беше во линија и не ја достигна точката на вртење и имаше простор од внатрешноста. Кога болидот 33 сврте во свиокот, болидот 44 не го избегна контактот и левата предница од болидот 44 дојде во контакт со десниот заден дел од болидот 33. Се проценува дека вината е доминантно кај болидот 44.“ Тимскиот шеф на Ред Бул во својата поплака до директорот на трката Мајкл Маси изрази мислење дека внатрешниот дел на свиокот Копс не е простор за возење тркало до тркало. Во тој свиок Луис никогаш не беше израмнет со Ферстапен. Секој возач што ја има возено оваа патека знае дека не треба да се пробива со тркалото од внатрешната страна на тој свиок. Ова е енормен инцидент. Макс го имаше овој свиок сто проценти и, според мене, целата вина е кај Хамилтон, кој немаше изградено еднаква позиција, рече Хорнер, кој потоа и во изјавите за медиумите потегот на Луис го оцени како „очајнички“ и возачкиот стил на Хамилтон го оцени како „валкан“. Согласно правилата, Ред Бул не може да се жали на одлуката на стјуардите кои го казниле Хамилтон со само 10 секунди стоење во пит-стопот, па советникот за мотоспорт во компанијата Ред Бул, Хелмут Марко, во посебна изјава сугерираше дека ФИА за вакви опасни маневри треба да востанови дополнителни казни и дека Хамилтон треба да биде отстранет од најмалку една од преостанатите трки во календарот.
Хамилтон успеа да се справи со казната од 10 секунди и на крајот ја освои победата на Британското гран при, со што повторно се враќа во битката за шампионската титула. По трката, Хамилтон јасно кажа дека чувствувал дека Ферстапен не му дал доволно простор во инцидентот. Секако, јас секогаш се трудам да бидам одмерен во пристапот, особено кога се борам со Макс, рече Хамилтон. Знаете дека тој е многу агресивен. А денеска двајцата бевме еден до друг, а тој не ми остави простор. Ја немам видено снимката, но видов краток клип кога се вративме назад во гаражите. Кога ќе имам време, ќе се навратам на тој момент, но сега не мислам дека сум во позиција да се извинам за ништо. Ние бевме таму да се тркаме, изјави Хамилтон. Тој продолжи со својата верзија на инцидентот и дури на крајот покажа интерес за ривалот. Слушнав дека Макс е во болница за проверка и тоа навистина ме загрижува. Никој од нас не сака кој било друг да биде повреден и јас немав таква намера, па навистина се надевам дека тој ќе биде во ред. Ќе го контактирам директно за да видам дека е добро. Нашата борба продолжува, ќе имаме уште многу тешки трки во иднина и мора да научиме како да создадеме солидна рамнотежа. Не се согласувам со стјуардите, но иако е непријатна, ја прифаќам мојата казна и ќе продолжам со мојата работа. Не сум тука за да цимолам за тоа. Во ваквите ситуации луѓето секогаш имаат различни мислења и мене не ми е гајле за тоа. Од своја страна Макс Ферстапен, откако лекарите потврдија дека се чувствува добро по излетувањето во ѕидот, каде што удрил со 51 Г, беше мошне разочаран од целосниот расплет. Казната што беше дадена не ни помага на никаков начин и не е доволна за опасниот потег што Луис го направи на патеката.
ВОЛФ ИНСИСТИРА НА ЧЕТИРИ ГРЕН СЛЕМ ТРКИ
Новиот формат на квалификациите ја разгоре расправата за добрите и лошите страни на ваквата идеја. Тимскиот шеф на Мерцедес, Тото Волф, смета дека ваквите гран при викенди треба да бидат наречени „грен слем трки“, а нивниот број да биде ограничен. Мислам дека ова е забавно за луѓето на трибините. Стартот е секогаш интересен, Фернандо беше забавен денес, па генерално мислам дека е добар додаток. Не мислам дека треба да го имаме на секоја трка. Има премногу случајности, како што беше излетувањето на Перез, кој потоа треба да стартува последен, а тоа не е позиција за еден од фаворитите. Не сум фан на експериментите, не ги сакам обратните редоследи на стартот, но овде секој беше на своето место, немаше контроверзи. Можеби беше малку досадно на крајот. Размислувам за ова како „грен слем трка“, но само неколку кои ќе донесат повеќе забава во сабота. Трката во недела мора да остане со повеќе километри и со повеќе непознати параметри. Форматот може да претрпи промени. Мислам дека може да има пет трки годишно, но чинам дека четири е вистинската бројка, изјави Волф.
Од болницата гледав како прославува по трката и сметам дека тоа однесување е неспортско и без почит кон противникот, но продолжуваме понатаму, напиша Ферстапен на Твитер. Моначанецот Шарл Леклер го презеде водството од спорниот инцидент, па се до два круга пред крајот. За време на трката тој пријави проблеми со сетирањето на моторот и беше мошне разочаран кога беше престигнат пред самиот крај. Тешко е да се ужива во овој подиум затоа што ова беше неверојатна трка, во која јас дадов двесте проценти од себе, но тоа на крајот не беше доволно. Му честитам на Луис за неверојатно завршената работа и беше убаво да се видат повторно толку многу навивачи на трибините. Ми беше забавно во болидот, но ми недостигаа перформанси на крајот од трката. Дефинитивно не очекувавме да се бориме за победа, но сметавме дека ќе бидеме конкурентни откако завршија квалификациите. Се боревме за победа во трката, а тоа е секогаш посебно. „Медиум“ гумите нас не направија екстремно брзи, но со „тврдите“ ја немавме брзината што ја има Мерцедес. На табелата Ферстапен сега има само осум бода повеќе од Хамилтон, 185 наспроти 177. Следната трка се вози на 1 август во Будимпешта, а потоа ќе има 4 седмици летна пауза, по која ќе уследат трките во Спа и Монца.