ИАКО СТАРОСНАТА ГРАНИЦА ЗА ВЛЕЗ ВО ВРВНИТЕ КАТЕГОРИИ НА АВТО МОТО СПОРТОВИТЕ Е СИМНАТА, ВО ИСТ МОМЕНТ МОЖЕ ДА СЕ КАЖЕ ДЕКА ДОКАЖАНИТЕ ВЕТЕРАНИ НЕ МОЖАТ ТОЛКУ ЛЕСНО ДА СЕ ОТКАЖАТ ОД СВОИТЕ СОНИШТА.
Оваа зима за првпат се пренесоа шпекулациите околу можно повлекување на Луис Хамилтон од Формула 1. Тоа беше зачинето со приказната околу немањето добар термин за преговори, бидејќи сезоната во 2020 година, де факто, започна да се реализира во јули, и со мошне набиен ритам трките се спроведуваа до декември. Во исто време, мотоциклистот Марк Маркез поради повреда ја преседе целата сезона во домашна рехабилитација, наспроти ривалот Валентино Роси, кој со четириесет и една година возраст се уште е дел од светското првенство во Мото ГП.
Иако Роси се префрли во сателитскиот тим на Јамаха, ослободувајќи место за Фабио Квартараро во фабричкиот тим, на хартија Јамаха е должна да му обезбедува машина еднаква на онаа што ја имаат пилотите во официјалниот тим. Дека Роси е легенда на спротот и сè уште најуспешниот тркач во кралската класа гледано од почетокот на 2000 година, може да се каже дека во моментот ужива комфорна позиција во преговорите за неговото повлекување. Сега кога стануваат се погласни шпекулациите за неговиот официјален крај на возачката кариера, тој веќе работи со сопствен тим во пониските категории и не престанува да биде медиумска атракција, која многу е повеќе од маскота и сè уште има огромен број навивачи.
Гледано низ призма на бројките, неговиот старт во 2021 година не е ни одблиску задоволителен, но во исто време се чини и дека тоа не е примарен интерес на Јамаха, којашто ги има Маверик Вињалес и Фабио Квартараро како „први виолини“. Секако дека развојот на моторот и искуството на „докторот“ Валентино се значајна обврска за инженерите на Јамаха, но на сите им е јасно дека не станува збор за борба за титула, односно за ситуација во којашто се вложуваат сите сили со цел да се извади дополнителна десетинка во времето за еден круг.
Споредено со ситуацијата на Хамилтон во Формула 1, може да се каже дека Луис стигна до истото ниво што Роси го постигна во Мото ГП како деветкратен светски шампион (од кои седум титули се во најсилната класа), но во исто време тоа стана и негово бреме. Како што и самиот Луис призна при обновувањето на последниот договор, многу повеќе време и енергија трошел на договарањето на ангажмани надвор од спортот, бидејќи сака да ја искористи својата позиција и да биде поборник за човекови права и борец против расизмот.
Факт е дека тој има 36 години и се доближува кон горната граница што досега важела за Ф1 пилотите. Михаел Шумахер се повлече на 37 години, но потоа направи враќање со Мерцедес во период кога имаше од 40 до 42 години. Идната година Формула 1 ќе имплементира нови правила, а со тоа и да влијае врз актуелниот распоред на силите, поради што голем број возачи и екипи воопшто не ја ни перцепираат оваа сезона од натпреварувачки агол. Мерцедес според медиумските шпекулации ги има обезбедено услугите на Џорџ Расел, и ќе мора да пресече меѓу досегашните двајца возачи Хамилтон и Ботас. Колку и да изгледа чудно, концептот со двајца силни возачи ретко дава добри резултати во Формула 1, па доколку Расел навистина биде унапреден, само е прашање на ден кога Луис ќе почувствува дека е загрозен и дека треба да размислува за повлекување.
Имајќи предвид дека Фернандо Алонсо на свои четириесет години се врати во Формула 1 за да може идната година да биде лидер на новиот тим на Рено (Алпин), Хамилтон сигурно би требало да има уште некоја година за себе. Од друга страна, Мерцедес нема друг млад возач на својот радар како што Ред Бул го има Ферстапен, а Ферари – Леклер, па се чини дека врската со Луис има добри шанси да потрае.
За илустрација, Хонда која цело време во Мото ГП се потпираше на Марк Маркез и неговите титули во серија, по минатогодишната негова повреда никако не може да фати чекор со ривалите. Дукати и Јамаха, во моментов се чини имаат и подобри мотоцикли, но и ги ангажираат најдобрите млади возачи. Хонда мора да донесе нов „убиец“ во своите редови или ќе се соочи со ситуација во која уште една година сите надежи ќе ги стави врз Маркез, а доколку тоа потфрли, тоа ќе придонесе само за побрз крај на нивната врска. Се чини дека во следниве две сезони ќе имаме многу што да видиме и научиме по прашањето кога е вистинско време да се пензионира легенда на еден спорт.