Деновиве беше претставена четвртата генерација од моделот „фабија“. Направена е на сосема нова платформа која истровремено ја користат новото „фолксваген поло“ и „ауди а1“. Новата платформа покрај другото носи и нови димензии – сега „фабијата“ е подолга за дури 11 сантиметри, но затоа покривот е понизок за седум милиметри. Поширока е за 48 мм и со поголемо меѓуоскино растојание за 94 мм така што сега изнесува 2.564 мм. Одделот за багаж е зголемен за 50 литри и сега има вкупно 380, а со соборена задна клупа просторот добива дури 1.190 литри.
Внатрешноста е „накитена“ како и кај останатите од поширокото семејство, со дигитални табли плус централен екран осетлив на допир, а за повеќе сантиметри во дијагонала ќе си доплатите, а за „епл“ и „андроид“ компатибилноста и да не зборуваме. Нема прес материјал, а да не се спомнат тие две нешта кои станаа нераздвоен дел од автомобилите, а како што приметувате ист е случајот и со Шкода.
Новата „фабија“ е спакувана во три пакети на опрема, „амбишн“, „стајл“ и „монте карло“, а погонските единици сите се бензински, дизели нема. Три цилиндри се со зафатнина од еден литар, со („тси“) и без турбо компресор. Од тие со турбо компресор има две изведби со 95 и 110 КС и може да се комбинираат со седумстепениот „дсг“ автоматски менувач. Моторите без турбо компресор („мпи“) како гориво користат метан и располагаат со 65 и 80 КС. Тие што сакаат повеќе коњски сили, Шкода го препорачува моделот со 1,5 литарски турбо мотор и солидни 150 КС.
Светската премиера е одржана на 4 мај во Прага со помош на дигитално интернетската технологија и тоа во предворјето на ДОКС центарот за современа уметност. Озборувањата велат цената за основниот модел ќе биде над 12.500 евра.
Жарко Атанасоски