Чудни нешта се случуваат во овие времиња или да ги наречеме невремиња. Малку работите се измешаа, но зошто истото се случува и во автомобилската индустрија кога таму се знаеше редот. Деновие БМВ официјално го претстави моделот „и 4 гран купе“ и на прв поглед нема ништо чудно во тоа. Претставување како и секое друго. Е да, но овој пат производителот го претстави автомобилот, но не и деталите. Најави изведба „м перформанс“, но не пропушти да го каже следново: „и 4 е целосно електрифицирано купе со четири врати“ и според распоредот на нештата, автомобилот треба да влезе во продажните салони оваа година. Со едно полнење на батериите возилото ќе изминува околу 590 километри, во зависност од изведбата, а силината ќе ја достигне бројката од 540, секако, изразена во коњски сили. Ако ова се преточи во забрзување од 0 до 100 км/ч, ќе му бидат потребни само 4,0 секунди, плус или минус една до две десетинки. И за крај на кусиот и крајно оскуден извештај за новиот модел, одговорните го најавија „доаѓањето“ на деталите во наредните недели. Зарем ова не е малку чудно!?
Жарко Атанасоски