Уште од дамнешни времиња Унгарците покажувале посебен интерес кон коњите. Тоа преминало во традиција и денес е една од земјите во светот со најмногу ергели.
За одгледувањето коњи врзана е една приказна која потекнува токму од Унгарија. Приказната нè враќа во времето на Австроунгарската монархија, поточно на средината од втората половина во XIX век. Во тоа време некој си тренер на тркачки коњи Роберт Хасп, благодарение на Ерно Блашкович сопственикот, водел голема грижа за неговото тркачко грло именувано како Кинксем. Во унгарскиот речник зборот кинксем значи драгоцено или богатство. Тоа расно тркачко грло до ден денес е најнаградуваното во светската историја на трките со коњи. Има победено на 54 трки од 54 стартови, рекорд кој сè уште ниедно грло не го надминало.
Е сега од сказнава да се префрлиме во автомобилската индустрија. Тибор Бак е основач и сопственик на новооснованата компанија која ќе се бави со производство на супер, односно хипер брзи автомобили. За почеток одбрано е името кое го носел коњот, светскиот рекордер во победи. Компанијата е основана во Швајцарија каде живее сопственикот, а хипер автомобилот „кинксем“ ќе се прави на британско тло. Сопственикот одбрал и дизајнер кој ќе го даде обликот на купето „кинксем хипер гт“, а изборот паднал на Јан Калум, одговорен за создавањето на „јагуар икс ј 220“, но и на многу други автомобили, а најмногу работел за Форд, ТВР и Јагуар.
Хипер автомобилот ќе биде задвижуван од хибриден погон, велат позајмен од болидите во формула 1. Покрај хипер купето, сопственикот на компанијата размислува и за конструирање на луксузен „сув“, но сега на ред е хипер купето кое ќе биде произведено во 54 примероци, односно колку што победи имал тркачкиот коњ со истото име. Практично автомобилот „кинксем хипер гт“ е посветен на коњот. Според планот првиот примерок треба да излезе од производство во 2023 год.