ГОЛЕМИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА АВТОМОБИЛИ ВЕЛАТ ДЕКА ИМААТ ГОЛЕМИ ИСТОРИИ, НО И НЕ Е ТАКА АКО СЕ ИМА ПРЕДВИД ДЕКА ТИЕ „МАЛИТЕ“ ГО ГРАДЕЛЕ ДЕЛОТ ОД ИСТОРИЈАТА НАРЕКУВАН „КРЕМ ДЕ ЛА КРЕМ“. АКО НЕ ВИ Е ЈАСНО ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ОВОЈ ИЗРАЗ, ПРОЧИТАЈТЕ ГО ОСТАТОКОТ ОД ТЕКСТОТ.
Велат малите нешта го прават човекот да биде среќен. Нешто такво „мало“ е работилницата Абарт, мала во однос на гигантските производители на автомобили, но доволно голема да им се спротистави и тоа не било како, туку повеќе од успешно. Абарт годинава слави 70. години од своето постоење и редно е да се спомне овој дијамант во автомобилската индустрија.
Основачот на надалеку познатата марка Абарт, роден е во Виена во 1908 година. Уште како мал се двоел од своите врсници по тоа што покажувал особен интерес кон механиката, создавање разни направи, играчки или поправање на истите. На своја 11. годишна возраст се обложил со повозрасните од него дека ќе ги победи во трка со велосипеди. Еве како. Ременот од пантолоните го поделиле по должина на два дела, а потоа го залепил на дрвените тркала – за да играат улога на пневматик. На тоа време, дете на 11 години да размислува на таков начин, тоа е повеќе од генијално. Кожениот дел на тркалата од неговиот велосипед му овозможил полесно возење и постигнување поголеми брзини, односно генерално неговиот велосипед бил супериорен во однос на останатите деца. Таа генијалност подоцна ќе го однесе многу далеку и тоа во светот на мотоциклите и автомобилите и неговата страст, трките. Таткото, Карл сениор, оди во малото место Мерано во Италија сместено во јужниот дел од Алпите, каде неговиот дедо има хотел.
Во тоа време малиот Карл останува во Виена со мајка му и го следи својот вроден инстинкт и творечки талент за сè што има тркала. Некаде на возраст од 14 -15 години учествува на трки со велосипеди и тоа сосема успешно за почетник. Малку подоцна доживува лесна сообраќајна незгода со мотоциклот на неговиот пријател. Карл минал само со лесни повреди, а мотоциклот настрадал, но успеал да го поправи и да биде речиси како нов. Во школо покажувал интерес кон инспиративните нешта, каде фантазијата доминира. Бидејќи механиката и конструирањето му биле страст секогаш кога имал време одел во работилницата Деган, специјализирана за прецизна механика, каде ги учел првите чекори во конструкторството, но воедно си правел и рамови за велосипеди и мотоцикли. Сето тоа се случувало во Италија во периодот 1925 – 1927. Неговиот талент и способност не остануваат незабележани. Веднаш по враќањето во Австрија, на 18 – 19 години му понудиле да работи во фабриката МТ во Тун, позната по производство на мотоцикли. Паралелно работејќи таму и во својата гаража, успеал да си направи солиден мотоцикл. Согледувајќи ги неговите работни способности и страста кон трките, одговорните во фабриката му нудат да биде и тркач со мотоциклот „мт“, а Карл Абарт прифаќа. Понудата стигнала кога еден од возачите во тимот го откажал учеството. На првиот тренинг постигнал најдобро време, а потоа бил обвинет дека моторот не е „чист“. Во втората тренинг сесија седнува на друг мотор на кој направил мали подесувања и успева да биде уште побрз. Молскавичниот успех на Абарт не бил дочекан со воодушевување од старата гарда возачи. Пред почетокот на трката неговиот мотор бил цел на саботажа која ја открива за време на трката и веднаш демонстративно го напуштил тимот и компанијата. Неколку месеци потоа Карл Абарт победува во Салцбург на трката со мотоцикли на 29 јули 1928 година. Тоа е негова прва победа со мотоцикл кој сам го конструирал, без парична помош од било каков производител, односно фабрика.
ПРВИОТ АБАРТ МОТОЦИКЛ
Наредната година од неговата работилница излегол првиот мотоцикл со името Абарт. Водено ладен двотактен мотор – со тоа Карло Абарт ја покажува својата генијалност потврдена со петте европски титули. Успевал секого да победи на тркачката патека, но во една се повредува (Линц, 1930) и престанува да се трка со направите на две тркала, но затоа веднаш конструира мотоцикл со приколка и успева да го победи возот Ориент Експрес. Тоа била трка над трките долга 1.300 километри, поточно од Виена до Остенд (Белгија). Победите се нижат една по друга благодарение на неговата инженерска виртуозност и така Карл Абарт станува сè попознат и попознат. Во тоа време стапува во брак со секретарката на Антон Пих, а овој, пак, да ти бил сопруг на Луиса Порше, ќерка на Фердинанд Порше, основачот на компанијата „Порше“. Трките и конструирањето возила на две тркала не запреле, тоа продолжило со уште поголема жестокост и во исто време станува натурализаран Италијанец, тркајќи се под италијанско знаме. Пред Втората светска војна во 1938 год. за време на една трка во Љубљана К. Абарт излетува од патеката и се здобива со сериозни повреди кои ќе го држат во болнички кревет речиси една година. Војната ќе го затекне во Љубљана и таму ќе остане сè до нејзиниот крај, а потоа се враќа во Мерано од каде се и корените на неговите предци. Абартовите познанства во светот на авто мото спортот имале влијание при формирањето на компанијата во која бил спортски директор. Со легендата на формула 1 Тацио Нуволари бил на „ти“, а со Фери Порше бил семеен пријател. Тие заедно со поршеовиот конструктор Рудолф Хрушка и Пиеро Дусио ќе ја формираат „ЦИС Италија“, која малку подоцна ќе биде преименувана во „Циситалија“. Работата во компанијата им оди повеќе од добро, бележат успеси на трките, а имаат и сопствено производство на возила за трки. Пред К. Абарт да учествува во основањето на Циситалија, фабриката Порше му нуди да биде претставник на Порше во Италија („Italian Porsche Konstruktionen agency“). Циситалија и Агенцијата за Конструкции Порше имале меѓу другото и заеднички проект, болидот „тип 360 ф 1 прототип“, кој користел конструкциски решенија од „порше 360“.
Неуспешниот проект, но и низата од проблеми кои настанале во текот на работењето довело до финансиска криза, по која следел и распадот во 1949 год. Тогаш Пиеро Дусио го зема единствениот болид прототип со себе и оди за Аргентина. Тоа практично значело целосен пад на Циситалија. Карло Абарт од делбата на формата добил неколку автомобили, алатот и некои други повеќе и помалку значајни „ситници“ со кои успева да основа компанија заедно со првиот тркач на Циситалија, Гвидо Скаљиарини, на 31 март 1949 година во Болоња. Работилницата го добива името „Абарт и С компани“, а како заштитен знак ја става шкорпијата која воедно е неговиот астролошки знак. Набрзо потоа седиштето на компанијата од Болоња се сели во Торино. Бертоне, Загато, Џија, Боано, Пининфарина, Алемано, Виоти, тоа се сè имиња на врвни работилници за производство на шасии со кои Абарт тесно соработувал и како плод од таа соработка произлегле мали серии автомобили, понекогаш само еден, а најчесто биле правени на основа од моделите на Фиат.
Во 1949 год. на 16. издание на тогаш легендарната трка „Миле Миља“ Абарт учествувал со сопствен тим „Шквадра Абарт“ (или Сквадра) и зад управувачот ги имал надобрите возачи во тоа време: Нуволари, Бонето, Кортезе и Дуберти. Втор во класата и петти во генералниот пласман, тоа е резултатот на неговото прво учество со сопствен тим на Миле Миља. Подоцна неговиот „абарт 204 а роудстер“ покрај титулата Италијански шампионат 1100, освојува титула и во формула 2.