7 јануари-БОЖИЌ ХРИСТОС СЕ РОДИ, ЗА МНОГУ ГОДИНИ

06/01/2025

ПРАВОСЛАВНИТЕ ЛУЃЕ ВО МАКЕДОНИЈА, ВКЛУЧИТЕЛНО И ПРИПАДНИЦИТЕ НА ПРАВОСЛАВНАТА ХРИСТИЈАНСКА ВЕРА ВО ДРУГИТЕ 11 ЗЕМЈИ ОД СВЕТОТ: ЦРНА ГОРА, СРБИЈА, РУСИЈА, МОЛДАВИЈА, КАЗАХСТАН, ИЗРАЕЛ, ЕТИОПИЈА, ЕРИТРЕЈА, ЕГИПЕТ, ГРУЗИЈА И БЕЛОРУСИЈА, СОГЛАСНО ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР ГО ПРАЗНУВААТ БОЖИЌ – РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО. НА ГОЛЕМИОТ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИК МУ ПРЕТХОДАТ 40-ДНЕВНИ ПОСТИ КОИ ЗАВРШУВААТ СО ВЕЧЕРАТА НА БАДНИК

 

Божиќните празници се чекаат со голема радост. Нема дилема, нивната прослава се врзува со почетоците на христијанството, религијата што поникнала во првиот век од нашата ера, во чија основа лежи верата во Исуса Христа, уште во апостолско време. 12-те апостоли, ученици на Синот Божји, го установиле денот за славење по повод на Раѓањето Христово. Неговото значење за црквата може да се согледа и во реченицата „Внимавајте браќа, првиот празник меѓу празниците е Рождеството Христово“.

 

Патем кажано, времето пред него било несигурно, олицетворение на злото, а светот се споредувал со изорана ледина, подготвена да го прими семето на вечниот живот – бесмртноста, основната поставка во сфаќањето на нештото во иднина. Оттаму и земјиштето на иконата која го претставува Раѓањето Христово е брановидно. Каменот се јавува како симбол на победата над човековиот егоизам. Новороденчето е повиено, го зазема централното место во сликата. Можат да се видат и ангелите (гласниците на убавата вест) и мудреците и пастирите, поканети да му се поклонат на Христос. Нив ги води ѕвездата, горе на иконата – симболизирајќи ја и литургијата, нејзината светост. Не случајно се наоѓа на врвот од пештерата. Исто така и свеќникот на кој се става свеќата во повечерието на Божиќ ја означува Витлеемската ѕвезда. Мошне интересно е и тоа што Света дева Марија не гледа во младенецот. Нејзиниот поглед е насочен кон Јосиф – се разбира, сочувствително бидејќи го мачат сомневањата во врска со самото рождество, зачнувањето. Андреј Рубљов се прославил токму со иконата „Раѓањето Христово“ (1405 год.), а Божиќ е извор на вдахновение и во литературата и во музичкото творештво и во филмската продукција.

 

Верниците го слават и Коледе (Бадник), денот спроти Божиќ. Се прават коледарски колачи, се пали коледарски оган (се прерипува на некои места – не секаде), а се пеат и коледарски песни. Сето тоа придонесува за бадничко, добро расположение. Негов симбол е дабовото дрво или дабовата гранка (бадниковица), обично една, некаде три, па дури и девет. На коледе луѓето треба да се дома, будни. Ноќта се бдее. Оттаму и значењето на зборот кој наводно е старословенски: бадник = „будник“. Традиционалните обичаи се разликуваат во деталите. Како и да било, на Божиќ се оди в црква, се причестува (се зема парче, залак осветен леб – нафора и вино, симболизирајќи го телото на Христос и неговата крв) и се става трпеза, богата – задолжително со свинско печено и сарма од стасана зелка. Луѓето се поздравуваат со „Христос се роди“. Отпоздравот е „Навистина (ваистина) се роди“.

Православната црква во Македонија го празнува три дена. Вториот е Собор на Пресвета Богородица, третиот – Свети првомаченик и архиѓакон (прв ѓакон) Стефан. Со Божиќ почнуваат и 12-те некрстени, нечисти (погани) денови што траат до Водици (19 јануари), кога Исус Христос бил крстен во реката Јордан.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.