24 h Le Mans 2019 – ТОЈОТА ЗАЕДНО СО ЛАНСКОТО ТРИО ПОВТОРНО ПРВИ

21/07/2019

ТОЈОТА И ЛАНИ И ГОДИНАВА ПРВА НА ПАТЕКАТА САРТ, А ПОКРАЈ НЕА СЛАВАТА ИМ ПРИПАДНА И НА ФЕРАРИ И НА ФОРД. ТАКА НАКУСО СО ЕДНА РЕЧЕНИЦА МОЖЕ ДА СЕ ОПИШЕ 87. ИЗДАНИЕ ОД НАЈПОЗНАТАТА ТРКА НА ИЗДРЖЛИВОСТ 24 ЧАСА ЛЕМАН.

 

Две титули една по друга за Тојота и, воедно, две титули една по друга за триото Алонсо, Накаџима и Буеми. Тука не е крајот на двете убедливи победи на Тојота, затоа што и првата лани и оваа годинашнава имаат потврда и од второпласираните, односно двете победи се „еден – два“. Сега можеме да кажеме дека 86. и 87. издание на легендарната трка на издржливост мина во доминација на Тојота. Се надеваме дека и догодина тимот на Тојота ќе ги задржи позициите 1 и 2, но како што се наговестува, возачите нема да бидат во ист состав. Таман се наместија работите за „хет трик“, но не било пишано.

Велат дека Фернандо Алонсо, двократниот шампион од трките во Формула 1, а сега и двократен на 24 часа Леман, ја напушта Тојота и шампионатот во трките на издржливост. Најверојатно ќе се „сели“ во јатото наречено Дакар(!?), се шират гласини и за Формула Инди. Сепак тоа се само гласини, а што навистина ќе се случи, ќе ни каже мајстор Алонсо, само што треба да почекаме да дојде време за тоа.

Генерално најпознатата трка на издржливост мина во знакот на Тојота и како што велат сите, класата ЛП1 била досадна за гледање бидејќи при врвот немало никакви превирања, превртувања, нервози и адреналински шокови. Тојотините болиди со стартни броеви 7 и 8 си ја водат трката и во ниту еден момент не ја донеле таа ситуација во неизвесност освен што во последниот час кога болидот со број 7 возен од Хозе Марија Лопез, дотогаш водечкиот, влегува во бокс да менува пневматици, затоа што така му покажал сензорот во болдот и првото место заслужено го добива „осумката“ на Накаџима, Алонсо и Буеми со извозени 385 круга. Така Камуи Кобајаши, Хозе М. Лопез и Мајк Конвеј остануваат без првото место. Тоа се нарекува среќа за „осумката“.

– Тие секако ја заслужија победата, но среќата отсекогаш била многу важен фактор во автомото спортот, им изјавил Алонсо на новинарите. Безброј пати првото место било губено не во последниот час туку во последниот круг. Како за пример ќе ги наведеме Пежо и Тојота. Тие најдобро ја вкусиле горчината на поразот во последните и последниот круг. Третото место со шест кругови задоцнување му припадна на рускиот тим СМП Рејсинг, стартен број 11, во кој возеа Виталиј Петров, Михаил Алешин и Штофел Вандорн. Следната класа е ЛП2, а таму славеше Сигнатек Алпина Матмут со болидот „алпина а470 гибсон“. Класата ГТЕ Про беше резервирана за најупорните и најиздржливите и повторно за најсреќните – тимот АФ Корсе со „ферари 488 гте ево“ беа привилегирани да ја имаат среќата на своја страна. Автомобилот „ферари 488 гте ево“ возен од Алесандро Пер Гуиди, Даниел Сера и Џејмс Каладо, со итрина и со големо трпение стаса до победата на 87. издание на трката 24 часа Леман. Најнапред тимот на Корвета Рејсинг доживеа дебакл кога автомобилот на Јан Магнусен (дотогаш првопласиран), излета од патеката во „свиоците порше“.

И како што нештата бидуваат на патеката Сарт, никогаш не се знае што ќе се случи во следниот момент, побрзиот од дуото во тимот на Астон Мартин Рејсинг излетува при влез во свиокот „индијанаполис“. И сега на патеката најсериозни за освојување на титулата беа фабричките поршиња и ферарито од тимот на АФ Корсе. Сепак, италијанската „направа“ им ги замрси конците на тие од Порше. Така автомобилот со стартен број 51 стигна прв на целта по истекот на 24 часа. Во класата ГТЕ Ам победи триото во состав Перфети / Линдзи / Бергмеистер со „порше 911 рср“.

Посетителите кои според организаторот биле над 260.000 илјади, имале прилика да присуствуваат на убава забава посебно во веќе спомнатата класа ГТЕ Про, но воедно биле присутни и на досадната трка во ЛП1. Сепак, тоа е доживување да се гледа во живо 24 часовна трка и не било која туку 24 часа Леман, најстарата од сите трки на издр- жливост, и од многу други, трка на која секој возач ја сонува победата. Оваа трка е една од трите легендарни – 24 часа Леман, Монте Карло и Индијанаполис 500. Засега најдобри шанси за освојување на титулата „тројна круна“ се Фернандо Алонсо и Хуан Пабло Монтоја. На првиот му недостасува Индијанаполис 500, а на вториот 24 часа Леман. Најтрофеен, „Мистер Леман“ е Том Кристенсен со девет победи, легенда на патеката Сарт и трките на издржливост. Најтрофејни марки се: Порше со 19, Ауди со 13 и Фер ари со 10 победи. Следната година го очекуваме 88. издание на најтешката трка од сите трки на издржливост кои се возат во рамките на Светскиот Шампионат во издржливост. •

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.