24 часа Леман-ПО 90. ПАТ ЗАПОЧНУВА ЛЕГЕНДАРНАТА ТРКА

02/06/2022

ЌЕ ИМА ОД СÈ ПО МАЛКУ, МОЖЕН Е И ДОЖД, НЕПОСАКУВАНО СЦЕНАРИО, НО ТИЕ 24 ЧАСА МОРА ДА БИДАТ ИЗВОЗЕНИ БЕЗ РАЗЛИКА НА УСЛОВИТЕ. И ОВАА ГОДИНА ТОЈОТА Е ГЛАВЕН ФАВОРИТ, А КАКО СЕНКА ЈА ПРАТИ ГЛИКЕНХАУС И АЛПИНА ЕДИНСТВЕНИТЕ КОИ ЌЕ Ѝ ПРАВАТ ДРУШТВО

 

Јуни 2022 година, месец посветен на автомобилската индустрија, поточно на трките или најточно месец на легендарната трка 24 часа Леман. Годинашното издание ја носи бројката 90, јубилејна. Но следната година организаторот треба да чести и да прави забава по повод 100 годишнината од првата трка одржана во 1923 год. Оваа трка е најстарата во која се вреднува издржливоста на возачите, механичарите, конструкторите и автомобилите. 24 часовна трка со, народски кажано, „гас до даска“ на патека долга  13.626 метри со еден долг правец од цели шест километри. Токму таму, во 1988 година, болидот на Пежо возен од Роже Дорши постигна максимална брзина од 405 км/ч. Патеката е сместена во месноста наречена Сарт во непосредна близина на местото Леман, но и патеката го носи истото име како и околијата Сарт.


Најмногу победи има постигнато Порше, вкупно 19 распоредени во сите категории, а најтрофеен возач е Том Кристенсен со девет титули. Минатогодишен победник е Тојота со 1 – 2 победа и четврта титула по ред и прва во новата хиперкар класа , а како што годинава одат работите ќе победи и по петти пат, бидејќи во таа класа (замената за „леман прототипови 1“) конкуренцијата не е воопшто силна. Можно е да се вмеша тимот Гликенхаус, но најнапред да видиме како ќе се покаже на пробите во деновите пред 11 јуни. Само пет автомобили на патеката од класата на хипер автомобили, две Тојоти, две Гликенхаус и една Алпина, додека во ЛМП 2 ќе има 27, во ГТЕ про седум и во ГТЕ ам 23 возила. Вкупно на стартот, според официјалниот список, ќе се појават 62 возила. Звучните имиња се проретчија, дојдоа нови генерации возачи и сега тие го водат орото.
Стартот е закажан за 11 јуни во 15:00, а целта е наредниот ден, 12 јуни 15:00. За тоа време победниците најчесто изминуваат над 5.000 до рекордни 5.410 километри постигнати во 2010 год. Наредната трка ќе биде особено интересна затоа што во јатото се враќа Пежо, Ферари, Форд и уште неколку.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.