24 часа Леман-ИСТОРИСКА ПОБЕДА ЗА ФЕРАРИ

21/07/2023

РЕЧИСИ ПО ПЕТ ДЕЦЕНИИ НАДВОР ОД ТРКИТЕ НА ИЗДРЖЛИВОСТ („ВО КРАЛСКАТА КЛАСА“) ФЕРАРИ ОДЛУЧУВА ДА СЕ ВРАТИ ТОКМУ НА ЈУБИЛЕЈНАТА ТРКА, 100 ГОДИНИ 24 ЧАСА ЛЕМАН. ДА, СЕ ВРАЌА, НО И ПОБЕДУВА БИЕЈЌИ БИТКА СО ТОЈОТА ЗА ПРЕСТИЖНИОТ ПЕХАР. ТАКА И ТРОФЕЈОТ И ИСТОРИСКАТА ТРКА СЕГА СЕ ВО СОПСТВЕНОСТ НА ФЕРАРИЕВАТА ПРИКАЗНАРЕЧИСИ ПО ПЕТ ДЕЦЕНИИ НАДВОР ОД ТРКИТЕ НА ИЗДРЖЛИВОСТ („ВО КРАЛСКАТА КЛАСА“) ФЕРАРИ ОДЛУЧУВА ДА СЕ ВРАТИ ТОКМУ НА ЈУБИЛЕЈНАТА ТРКА, 100 ГОДИНИ 24 ЧАСА ЛЕМАН. ДА, СЕ ВРАЌА, НО И ПОБЕДУВА БИЕЈЌИ БИТКА СО ТОЈОТА ЗА ПРЕСТИЖНИОТ ПЕХАР. ТАКА И ТРОФЕЈОТ И ИСТОРИСКАТА ТРКА СЕГА СЕ ВО СОПСТВЕНОСТ НА ФЕРАРИЕВАТА ПРИКАЗНА

 

Што го поттикна Ферари по пет децении отсуство од трките на издржливост повторно да ги заврати ракавите, да направи болид и да влезе во исцрпувачките многучасовни бркотници? Вознемиреното коњче од Маранело е родено на тркачките патеки, но штом е така зошто Ферари отсуствуваше толку долго време и токму сега се врати? Велат новите правила во трките го вратиле на пистата и не само него, туку и многу други. Да бидеме искрени, Ферари никогаш не се откажал од трките на издржливост, само што во класите на прототипови немал свој претставник подолго време, поточно во најелитната класа (инаку Ферари беше присутен во серијата Леман во класите за обичните автомобили). Големо изненадување за трките на издржливост беше најавата на Ферари за неговото учество во „кралската класа“.

Враќањето на Ферари се случи на 100 годишнината од првата трка на Леман одржана во далечната 1923 година и за големо чуди и уште поголема среќа, Ферари успеа сите да ги „надитри и наттрча“ и да стигне прв на целта. На стартот првите две места беа резервирани за Ферари. Во трките на издржливост нема случајности, мора сè да биде подготвено до крајни граници за тимот да постигне успех. Тука нема место за дилетанти, туку само за најсериозните. Да потсетиме, Ферари беше третопласиран во првата трка од сезонава, 1.000 милји Себринг во САД. Тоа е доволен доказ за врвната подготвеност на тимот од Маранело. На почетокот од трката Ферари водеше, но набрзо потоа Тојота мина во водство, а потоа и Порше некаде во петтиот час од трката го презеде водството. Тогаш почнаа проблемите за фаворитите. Водечкиот Порше со стартен број „6“ во тој петти час излета од патеката, а потоа му беа потребни дополнителни 20 минути во гаража за уништеното да биде поправено и болидот да продолжи со трката. Во ноќните часови настрада и вториот болид на Порше кој дотогаш беше во првите пет, а по враќањето на патеката паѓа на 10 место.

Петкратниот шампион Тојота, исто така, доживеа „мал кикс“ и успеа да стаса до второто место, препуштајќи му ја славата и историската победа на Ферари. Изненадување беше третото место на Кадилак, што доволно кажува дека и овој тим добро ги сработил подготовките, бидејќи и Кадилак е од учесниците кои влегуваат на овие трки речиси за првпат. Сепак најпостојан во сиот овој 24 часовен циркус е тимот на Гликенхаус и неговите два болиди кои целта ја минаа како шесто и седмо пласирани. Тие трката ја извозеа без никакви проблеми, единствено што им недостасуваше беше брзината. Со малку поголема брзина, успехот ќе можеа да го слават на подиумот.

Сега малку за и околу Тојота и нејзиното изгубено прво место „благодарение“ на верверичка, така велат механичарите. Еве што се случило. Тојотината „седумка“ се менувала на првото место со „ферари бр. 51“. Во еден период Тојота води со дваесетина секунди пред Ферари, но „седумката“ претрпува судир и сега улогата на борба за првото место ја има Тојотината „осумка“. Таа ја води битката со болидот од Ферари со стартен број „51“, но во еден миг возачот на „осумката“ Рио Хирокава се јавува во боксот и вели дека моторот прегрева. Тој не ја знае причината за прегревањето, а од боксот уште помалку. Потоа Р. Хирокава влегува во боксот и механичарите откриваат верверичка заглавена, залепена на радијаторот за разладување на моторот. Понекогаш на овие трки честа појава се парчиња од пневматици, кал и најразличен материјал да навлезе во воздушните канали кои водат до радијаторот, или да се залепи на радијаторот. При таква состојба воздухот не струи слободно низ каналите и моторот загрева повеќе од дозволеното. Тојота се исплаши да не го изгуби и вториот болид, но за среќа се враќа на патеката и дури успева да воведе несигурност кај „ферари 51“ за првото место. Но некаде на три часови до крајот на трката, Р. Хирокава и болидот „тојота 8“ се извртува на патеката и со тоа се „запечатува“ второто место за Тојота со „триото“ Рио Хиракава, Брендон Хартли и Себастијан Буеми, а Ферари со број „51“ возен од Алесандро Пјер Гуиди, Антонио Џовинаци и Џејмс Каладо, прави голема временска разлика и го освојува првото место со предност од 81 секунда.

Највисокото место на подиумот е за Ферари, второто за Тојота и третото за Кадилак, изненадувањето на 24 часа Леман. Догодина влегува и Ламборџини, но тука работите не се јасни, затоа што, Порше и Лаборџини се под иста капа, односно Фолксваген. Еден сопственик со две марки одеднаш во трките на издржливост. Фали да влезат уште Ауди и Бентли, кои исто така се во сопственост на Фолксваген и „тимот“ да биде комплетен. Да видиме што ќе се случи наредната година, односно дали само Ламборџини ќе влезе во серијата Леман.

24 часа Леман е трка која за првпат е организирана во 1923 година. Трката се вози на патеката Сарт во малото место Леман. Тркачката патека е долга 13.626 км составена од асфалт кој се користи преку цела година, а дел е наменски правен за трки. Најтрофеен возач е Том Кристенсен со дури девет победи, а Порше е најтрофеен како марка со 19 победи. Најголема брзина за време на трка има постигнато прототипот на Пежо (вм п 88) во 1988 на правецот Мулзејн, точно 407 км/ч. Денес тркачките автомобили постигнуваат брзини околу 320 км/ч затоа што на патеката има поставено шикани, двојни „ѕ“ свиоци, со цел трката да биде што побезбедна. Воедно со тоа им се олеснува на болидите да не се исцрпуваат до последен атом. Таквите исцрпувачки крајни брзини се фатални за издржливоста на болидите. Догодина ќе се вози 92. издание од легендарната трка. Тркачите од целиот свет посебно ги почитуваат победите на три легендарни патеки, а триумфот го нарекуваат тројна круна, ГН на Монако, Индијнаполис 500 и 24 часа Леман. Во моментов најблиску до освојување на тројна круна е Фернандо Алонсо, му недостасува само победа на трката Индијанаполис 500.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.