24 Часа Ле Ман-Трета титула едноподруго за Тојота

04/11/2020

ЛЕГЕНДАРНАТА ТРКА ОСТАНА ЗАПАМЕТЕНА ПО ПРАЗНИТЕ ТРИБИНИ, ДВЕТЕ ОСУМКИ ШТО ГО ОЗНАЧУВААТ 88. ИЗДАНИЕ НА НАЈПОЗНАТАТА ТРКА НА ИЗДРЖЛИВОСТ ВО СВЕТОТ, ОДЛОЖЕНИОТ СТАРТ И НЕГОВОТО ПРЕЗАКАЖУВАЊЕ.

Домашната пресметка и план на организаторот излегоа сосема поинаку на пазар. Беше планирано стартот на трката да биде на 13 јуни, а да заврши наредниот ден на 14, односно за викенд, сабота и недела. Сето тоа мораше да биде поместено поради пандемијата. Организаторот реши трката да биде презакажана за септември, односно почетокот на трката да биде во сабота на 19 септември во 14:30 часот, а деновите за тренинг-сесиите да почнат два дена порано, на 17. Така и се случи. На стартот се појавија 59 автомобили со вкупно 178 возачи. Пет автомобили во класата ЛМП1, 24 во ЛМП2, осум во класата ГТЕ Про и 22 во ГТР Ам. Сите успешно ја почнаа трката, но само 43 автомобили пристигнаа на целта, другите 16 ја загубија битката со километрите и времето од 24 часа.

Оваа трка е единствена и најпозната во светот по многу нешта. Нема возач или тим што не сака да победи на тркава и да го запише своето име во тркачката историја. Три патеки во светот се меѓу најпрестижните, оваа што се вози 24 часа без престан на патеката Сарт во местото Ле Ман, потоа трката во Монако од Светскиот шампионат во Формула 1, која се вози по улиците на Монте Карло и Индијанаполис 500. Во моментов Фернандо Алонсо се обидува да победи и на Индијанаполис 500 за да ги наниже сите три трки. Засега сите негови обиди за победа на Индијанаполис 500 се неуспешни.

Најголем фаворит за освојување на прво место беше Тојота.

Нејзината целосна доминација во претходните две изданија ја потврди и на 88. трка 24 часа Ле Ман. Нејзиниот екипаж во состав Казуки Накаџима, Себастијан Буеми и Брендон Хартли се закитија со титулата, откако К. Накаџима прв ја мина целта по истекот на времето од 24 часа.

• Тојота, која со години мака мачеше да стигне до првото место, сега веќе е носител на три последователни титули, 2018, 2019 и 2020.

• Втори беа возачите од тимот на Ребелион, Бруно Сена, внук на големиот ас од трките во Формула 1, Аиртон Сена, Норман Нато и Густаво Менезес.

• Третото место на подиумот им припадна, исто така, на тимот Тојота со стартен број 7, Камуи Кобајаши, Хозе Марија Лопез и Мајк Конвеј. Тие имаа идеална можност да победат, но поради дефектот со турбополначот и издувната гранка мораа да влезат во бокс.

Отстранувањето ги чинеше 30 минути, но голем успех е тоа што сепак успеаја да се искачат на подиумот.

По елитната класа ЛМП1 е ЛМП2, исто така, прототипови, која годинава учествуваше со најголем број возила, дури 24. Може-би тука конкуренцијата беше и најголема, но и покрај тесната борба за врвот, тимот на Јунајтед Аутоспортс по шести пат ед- ноподруго го освојува првото место и досега такво нешто нема никој постигнато во наведената класа. Триото Пол ди Реста, Фи- липе Албукерки и Пол Хансен беа први, кои наедно стартуваа од првото стартно место. Во класата „ГТЕ Про“ победува Астон Мартин, а во „ГТЕ Ам“ тимот на ТФ Спорт, втори беа Протон Пор- ше, а трет е екипажот на тимот АФ Корсе.

И уште нешто кога е во прашање паметењето на оваа трка – на трибините немаше гледачи поради пандемијата. Замислете си толку голем настан на светско ниво, легендарна трка најпозна- та меѓу најпознатите, а без публика. Но и тоа е присутно. Затоа отсега натаму времето минато на трките од серијата Ле Ман ќе се мери пред 88. издание и по 88. издание, или пред и по пан- демијата.Трката 24 часа Ле Ман ја нарекуваат трка за Големата награда на издржливост. Првото издание е регистрирано во 1023 година, а досега најтрофејна марка е Порше со 19 победи, а меѓу возачите Том Кристенсен со девет победи. Рекордната брзина постигната на патеката датира од 1988 година кога пилотот Роже Дорши со прототипот „вм п 88 пежо“ постигна брзина од 405 км/ч. Инаку, патеката Сарт е долга 13 километри и 626 метри.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.