ИСТОРИЈАТА НА АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА ПАМЕТИ ЕДЕН КУП ЗНАЧАЈНИ ДАТУМИ И ГОДИНИ, А ОВАА 2018, ПОКРАЈ ДРУГИТЕ, Е ВО ЧЕСТ НА КОМПАНИЈАТА „РЕНО“, КОЈА ГО ПРОСЛАВУВА 120. РОДЕНДЕН ОД ПРВИОТ ПРОИЗВЕДЕН АВТОМОБИЛ. БЛАГОДАРЕНИЕ НА ЕДНИОТ ОД ТРОЈЦАТА БРАЌА РЕНО, ДЕНЕС МАРКАТА И КОМПАНИЈАТА „РЕНО“ Е ТОА ШТО Е ВО СВЕТОТ НА МОТОРНИТЕ ВОЗИЛА.
Пред 120 години, во 1989, Луис Рено го направил првото возило, трицикл, кој набрзо бил претворен во квадрицикл односно автомобил именуван како „рено воитурет 1 цв“. Тој прв автомобил бил продаден на пријател од неговит татко во ноември истата година, а го произведувале до 1903 година.
Успешната приказна пред сè се должи на новостите кои Л. Рено ги вградувал во автомобилите. Првиот пронајдок одел заедно со создавањето на трициклот. Штом бил направен, Луис Рено го вградил механизмот за директно пренесување на силината од моторот на тркалата, а не преку ремени, ланци или менувачи. Е сега ваквиот приод си има свои предности, но и слабости. Една од големите предности на направава е тоа што воопшто нема губење силина при нејзино пренесување на погонската оска. Сето ова било од голема предност на автомобилите Рено во тоа време, но Луис Рено со своите погледи за иднината на автомобилската индустрија бил далеку пред сите, затоа што во тоа време велел дека успехот на една марка автомобили директно зависи од тоа колку ќе биде позната во светот, а единствениот „лек“ за некој да биде познат во светот на четирите тркала се трките. Затоа автомобилите на тројцата браќа постојано учествувале на трките, односно Марсел и Фернанд, кои најчесто се грижеле за административниот дел во компанијата, сега седнувале зад управувачите. Во тоа време најпознати биле трките од град во град. Како што Рено победувал на трките, така растела и подажбата и покрај тоа што автомобилите биле прескапи за тоа време.
Напредокот во компанијата бил очигледен, а за тоа зборува и податокот дека во 1902 година ја претставува првата лимузина, но и првиот мотор од сопствено производство со 24 коњски сили. Дотогаш Реноовите автомобили користеле мотори од производителот „Де Дион – Боутон“. Првиот „потрес“ почувствуван во компанијата се случил кога едниот од браќата, Марсел Рено, погинал за време на трката Париз – Мадрид. По семејната трагедија, Л. Рено најмува професионални тркачи и воедно ја насочува продажбата на остатокот од европскиот пазар, но и преку Атлантикот каде бележи големи успеси. Во еден период Рено бил најпродаваната марка од увоз во САД. Првата светска војна го води Рено во производство на возила за потребите на војската, како тенкот „рено тип фт 17“. Подоцна на база од тенкот, Рено го проширува производството со земјоделски машини, трактори. Во воениот период почнува и со производство на авионски мотори. Ретко кој знае дека токму тие мотори се првите мотори кои Ролс Ројс ги продавал со свој потпис.
ВЕЧНАТА „4“
За поевтинување на производството, Л. Рено почнал да купува компании кои произведувале материјали за автомобилската индустрија и отворал нови погони кои наликувале на оние од Форд, со производна лента, но поусовршена, порационална и поисплатлива. Како одминувало времето и наближувало до ’30 години, така се повеќе се чувствувала Првата светска економска криза. Тогаш Рено почнал да произведува речиси секакви возила. Поевтинувањето во производството одело и во насока на конструирање мали, едноставни и употребливи автомобили наменети за поширок круг купувачи. Тоа водело кон создавање на моделот „4 цв“ од кој Рено не очекувал некој поголем успех. Сепак најновото возило се продавало повеќе од очекуваното, велат дури во милион примероци надвор од матичната земја. Меѓутоа сето ова се остварува откако фабриката прогласила целосна загуба, за во 1945 да биде откупена од државата. Ете зошто моделот „4 цв“ бил произведен како прв откако Рено банкротирал. Во тоа време под неразјаснети околности починува основачот Луис Рено, а во созадавањето на моделот „4 цв“ учествувал и Фердинанд Порше кој ја посетил фабриката заедно со неговиот син Фери на покана од Рено. Тоа значи дека Поршеовиот „народен автомобил“ имал некакво влијание врз моделот „4 цв“.
Вреден миг за нагласување во историјата на Рено е и неговата прва победа 1 – 2 – 3 на првото рели во Светскиот шампионат, Монте Карло со „рено алпина 110“. Таа сезона Рено ја освојува и титулата во класата на конструктори, а потоа три години по ред царува Ланча со моделот „стратос“, посебно направен за рели такмичењата.
На почетокот од ’60 години од минатиот век, поточно во 1961 год. Рено приредува светска премиера во чест на модлот „4“, кој веднаш станува конкурент на „цитроен 2 цв“ и „фолксваген тип 1 битл“. Токму тој модел прераснува во легенда кој и ден денес е многу баран од вистинските поклоници на автомобилите. Дека „четворката“ е безвременска, говори и следниов податок, се произведувал во период од три децении, од 1961 до 1994 година.
Својата експанзија ја пренесува и преку Атлантикот кога воспоставува соработка со Неш Моторс Рамблер и Американ Моторс Корпорејшн. Подоцна, во 1979 година Рено купува 22,5% од „Американ Моторс Корпорејшн“. Тоа е како отскочна даска за продавање на моделот „5“ на северноамериканскиот пазар преку продажната мрежа на АМК. На тамошната компанија „АМК “ не и оди најдобро и е на работ на пропаст. Затоа уделот на Рено во оваа компанија расте на 47,5%. Како резултат на тоа Рено започнува соработка и со Џип, односно вградува тркала, седишта и дизел мотор во моделот „чироки“. Присуството на Рено во САД престанува во 1989 година, а претходно во 1987 ја продава компанијата „АМК“ на Крајслер. Соработка со други компании за Рено претставувало еден вид напредок. На пример соработката со Пежо и Волво резултирала со: „рено 30“, „пежо 604“ и “волво 260“.
Покрај „четворката“ Рено има уште еден успешен модел, во тоа време, „петката“. Со тој модел Рено царуваше на тркачките и рели патките, незаменлив, страв и трепет за конкуренцијата. Денес Рено е четвртиот најголем производител на автомобили, пред сè благодарение на Нисан, односно двете фирми се здружени во Рено – Нисан Алијанс. Рено има 47 отсто од акциите на Нисан, а Нисан има 16% во Рено. Во алијансата од неодамна, на почетокот од пролетта, е вклучен и Митсубиши. Според проиводството во кругот на алијансата води Нисан со 5,8 милиони возила, Рено е втор со 3,7 и Митсубиши 1,05 милион, вкупно околу 10,5 милиони возила. Во оваа бројка влегуваат и продадените возила од следниве марки кои се дел од спомнатата алијанса: Инфинити, Рено Самсунг Моторс, Алпина (САС), Датсун, Венусија и Лада. На почетокот од годинава излезе извештај за продажбата на автомобили во светот и за изненадување е што алијансата Рено – Нисан – Митсубиши е втор најголем производител во светот, пред Тојота, а позади Фолксваген, но во производство на лесни возила, се мисли на лесни патнички возила, алијансата Рено – Нисан – Митсубиши е прва во светот за 2017 година.
Денес Рено е компанија во приватна сопственост, инаку продадена од државата во 1996 год. на приватни лица. Матичната држава е сопственик само на 15,4 отсто од Рено. Присуството на Рено во најбрзиот циркус датира од 1977 година кога го внесува турбо моторот („рено – гордини еф 1“, 1,5 литри V6), во болидот „рено рс 01“. Оттогаш започнува и ерата на успеси со тој болид, но и подоцна кога Рено се јавува само како снабдувач со мотори.
Првата победа во формула 1 ја остварува на домашен терен во 1979 година, а зад управувачот е Жан Пјер Жабуи. Иако Рено има поволни резултати, сепак се повлекува како тим, но неговите мотори сè уште се присутни со прекини од сезона во сезона сè до 1997. Во тој период, односно во 1992 година, болидот „вилијамс – рено“ возен од Најџел Мансел стигнува до шампионската титула.
Рено се враќа во формула 1 во 2000 како конструктор и со свој мотор, кога го купува тимот на Бенетон, некогашен Толеман. Во 2005 и 2006 год. има двојна титула, за возачи и конструктори, а возач е Фернандо Алонсо. Покрај сопствениот тим во формула 1, Рено и натаму снабдува тимови со неговите мотори.
Со вкупно девет титули и над 160 ГП победи, Рено е во врвот на успешните марки во формула 1, односно трет во вкупниот пласман.